ЗХГ: Очигледно е дека приоритетот на ВМРО-ДПМНЕ е да продолжат да го вртат истото орце над 34 години

„Ѓубрето нема да се намали ако се намали времето во кое смее да се фрла. Очигледно е дека за новата градска администрација контејнерите повеќе загадуваат отколку индустријата“, порачуваат од ЗХГ

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Фејсбук

„60 инспектори и комунални редари ќе нè контролираат за тоа како ќе го фрламе ѓубрето, додека се отрувме од аерозагадување овие денови и ќе се труеме цела зима?!? ЗХГ со години бара од Град Скопје да се одвојат средства за инспектори за животна средина и да се воведе трета смена на дежурни инспектори“, реагираат од иницијативата „Зелен хуман град“, на одлуката ѓубрето од домаќинствата да се фрла од 6 до 22 часот, што стапува на сила денеска.

ЗХГ нагласува дека Скопје се соочува со акутно аерозагадување, а надлежните служби не прават доволно за спречување на проблемот. Наместо да ги зајакне инспекциските служби за животна средина, Град Скопје, според ЗХГ, го зголемил буџетот за истражување на мерки за аерозагадувањето. Ова се случува и покрај тоа што ЗХГ поднеле 50 про боно мерки, базирани на науката и веќе применети во други загадени градови ширум светот.

Сметаат дека на властите не им е приоритет нашето право на чист воздух загарантирано со Уставот, а „очигледно е дека приоритетот на ВМРО-ДПМНЕ е да продолжат да го вртат истото орце над 34 години. Очигледно е дека, кај и да е, ќе зафалат инспектори за контрола на контејнери и ќе треба нови вработувања на нивните партиски кадри, кои ќе го цицаат градскиот буџет и буџетот на граѓаните, работејќи на тотални небулози од кои ние граѓаните немаме ама баш апсолутно никаква полза“.

„Ѓубрето нема да се намали ако се намали времето во кое смее да се фрла. Очигледно е дека за новата градска администрација контејнерите повеќе загадуваат отколку индустријата“, порачуваат од ЗХГ.

Казната за физички лица кои би фрлале отпад вон утврдената временска рамка, останува 50 евра, а за правните субјекти се движи од 1.300 до 1.800 евра.