ЗХГ организира протест против загадениот воздух во Скопје, бараат итни и среднорочни мерки

од Nikola Popovski
19 прегледи

Здружената иницијатива на 23 организации со два претставници во Советот на Град Скопје, Зелен хуман град ќе организира протестен марш за чист воздух. Протестот е најавен за во вторник, на 10 декември, во 16:00 часот, при што поворката почнува со протестирање од Министерство за животна средина и ПП преку Собрание и завршува пред Владата.

-Протестираме бидејќи секоја година во Македонија се бележат околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките PM2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Тоа изнесува 17.7% од вкупната смртност во државата. Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како што се белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови, стои во соопштението на ЗХГ.

Оттаму велат дека особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во Македонија е поврзан со загадениот воздух.

Бараат од надлежните институции, пред се Владата и општините да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето на воздухот.

Граѓаните се жалат од загадениот воздух, велат секојдневно ги чувствуваат последиците врз здравјето. И покрај алармирањето состојбата со години не се менува. Единствен начин да се заштитат е да не излегуваат од дома.

Секое 6-то до 7-мо предвремено новородено бебе е последица на загадениот воздух-велат докторите. Според нив аерозагадување е причина и за други болести.

До Народниот правобранител пристигнати се 20 претставки за загаден воздух. Иако Уставот гарантира право на здрава и чиста еколошка средина, состојбите и реалноста не одат во прилог на уставните заложби, истакна омбудсманот Зибери. Тој ги посочи причинителите за ваквата состојба.

-Мораме да се соочиме со реалноста – или ќе плаќаме казни или тие пари ќе ги насочиме кон инвестиции и решавање на причините, а не да се бавиме со последиците. Гасификација на урбаните средини е едно од решенијата, рече министерот за животна средина Изет Меџити.

Скопје го одбележа екстремно загаден воздух на крајот на 2023 година, а податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека квалитетот на воздухот во декември 2023 бил полош во споредба со истиот месец од 2022 година.

Слични содржини