ЗХГ: Советот на Град Скопје сложно ја продолжи тортурата на животните во Зоолошка

од Nikola Popovski
35 прегледи

Со неколку исклучоци – советниците од ЗХГ, ЛДП и еден од четирите од Левица – Советот на Град Скопје ја отфрли нашата иницијатива за мораториум на внес на нови животни во ЗОО Скопје, односно гласаше како да заседава пред 100 години, а не на прагот на 2025 година, информираа попладнево од иницијативата „Зелен хуман град“.

Оттаму велат дека во излагањата на советниците кои се противеа евидентни беа целосното отсуство на емпатија кон животните, комплетната дисоцираност од нивното очигледно страдање и загрижувачката неможност да се разбере дека животните не постојат за да му служат на човекот за евтина забава.

ЗХГ предлага конкретни решенија за ЗОО Скопје кои ќе бидат во корист на вработените, посетителите и децата и животните.

1) Мораториум за внес на нови животни во зоолошката градина – со ова ќе се спречи понатамошно страдање на сите нови животни.

2) Пренесување на сегашните животни од ЗОО Скопје во земји каде што имаат драстично подобри услови за живот и земји кои се природна средина за секој тип на животно.

3) Претворање на зоолошката градина во институција за рехабилтација и вистинска конзервација на животни што живеат на територијата на Македонија – со ова ќе се зачуваат, а и зголемат работните места во институцијата.

4) Користење на виртуелна реалност во дел од институцијата како центар за едукација и зближување на посетителите со секаков вид на животни без тие да страдаат.

-Еден ден, не толку далеку од денес, некои од децата и внуците на денешните советници ќе се срамат од начинот на кој гласале. Но тој ден не е овој викенд кога е полесно да се однесат децата во затвор за животни, отколку да се отиде со нив во природа и да се учат за животните кои живеат слободно во склад со сопствените потреби, стои во соопшението на ЗХГ.

Со четири гласа „за“, 10 „против“ и осум воздржани, Советот на Град Скопје денеска не ја изгласа иницијативата за мораториум за внесување нови животни во Зоолошка.

Слични содржини