Активистите на марш од Владата до седиштето на ЕУ во Скопје повикаа на солидарност кон сите бегалци без селекција на економски и бегалци кои доаѓаат од кризните подрачја, како и промена на политиките на Македонија.

Да се обезбедат безбедни рути по Медитеранот за сите луѓе кои пристигнуваат во земјите – членки на ЕУ, да се размисли за отворени граници на сите држави без дискриминација на национална основа или статус бегалци и економски мигранти, да се заштити правото на живот и работа, побараа активистите на денешниот марш во Скопје за солидарност со сите бегалци кои доаѓаат во Европа.
Со картонски подароци на кои симболично беше претставено прибежиште за бегалците, но и бодликава жива која го оневозможува пристапот до тоа прибежиште, активистите ги доставија подароците до Владата на Република Македонија и ЕУ, а пред вратите на ЕУ Инфо Центарот симболично беше поставена импровизирана ограда со бодликава жица.

-Ги повикуваме владите и граѓаните на ЕУ и на други земји, вклучително и Македонија, чии политики за миграција се одраз на политиките на Европската Унија, да ја преиспитаат логиката за политиките кои луѓето ги делат на економски мигранти и бегалци… дали Македонија со долга мигрантска историја треба да продолжи некритички да ја прифати политиката на Европската Унија? Прогласувањето на вонредна состојба и интензивирање на нападите не се решение, порача Никола Штерјов од левичарското движење „Солидарност“.
-Од јуни месец до сега имавме една убава политика, сите тие не страдаа на нашите прашања и сметавме дека го затворивме то апрашање, но со новата политика од страна на одредени земји-членки на ЕУ повторно се враќаме назад, се делат бегалците на економски мигранти и на бегалци, не им се дава право на прибежиште и дури потоа да се одлучи кој се и што се, се делат на расна и национална основа, а такво нешто не е прифатливо. Овие затварања на границите нема да придонесат за поголема безбедност, повторно имаме илегални мигранти кои влегуваат по други начини во земјава и повторно пешачат и повторно чекаме кога ќе се случи уште една несреќа, вели Јасмин Реџепи од невладината „Легис“.
Активистите доставија писмо до ЕУ во кои укажуваат на тоа колку луѓе ги изгубиле своите животи, борејќи се да стигнат до европско тло, за нападите во Париз, но и во Тунис и Сирија.
-Бодликавите жици и оградите нема да ги спречат терористичките напади, безбедносните аспекти никако не смеат да го зголемат стравот и да ја намалат безбедноста на луѓето кои бегајќи да ги спасат своите животи се борат да стигнат до европско тло, порача Уранија Пировска – директорка на Хелсиншкиот Комитет за човекови права.
Денешниот настан е дел од светската акција која секој 18 декември има за цел да потсети на Меѓународниот ден на бегалците.