Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 34-годишен жител на селото Дебреште, кој е осомничен за кривично дело – Разбојништво. На 16 август, во раните утрински часови, со намера противправно да присвои туѓи подвижни предмети, осомничениот се заканил дека непосредно ќе нападне врз животот и телото на друг и со употреба на огнено оружје одзел златни предмети и парични средства.
Тој најпрвин насилно ја отворил влезната врата од семејна куќа во Дебреште, влегол внатре и преку внатрешните скали се упатил на вториот кат. Со употреба на сила ја отворил вратата од спалната соба која била заклучена и во која спиела една жена. Од звукот на кршењето на вратата оштетената се разбудила, а осомничениот ѝ вперил пиштол со закана дека ќе ја убие ако не му го даде златото. Веднаш потоа тој започнал да пребарува низ собата и од наткасната одзел три златни прстени и една белезица, а од новчаникот кој стоел на наткасната одзел 1.100 денари и 20 швајцарски франци.
Кога излегувал од куќата осомничениот бил пресретнат од друга оштетена која исто така била присутна и го слушнала дека влегол во куќата, но излегла надвор за да побара помош. Осомничениот и нејзе ѝ се заканил со пиштолот, а потоа избегал.
Бидејќи постојат околности кои упатуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство, да влијае врз сведоците/оштетените или да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот и со решение на осомничениот му определи притвор во траење до 30 дена.