„Ние жителите на Ново Маало целосно сме разочарани од нашите сограѓани, нашите комшии кои живеат во Градски Sид кои поднеле иницијатива за стопирање на градбата на Холидеј Ин. Тие директно сакаат да не спречат ние да го решиме нашиот долгогодишен проблем“, велат жителите на Ново Маало.
„Крајно несовесно е тие од удобноста на своите домови, кои патем исто така се наоѓаат во високи кули, да покренуваат постапки со кои ние не можеме да си го реализираме нашето загарантирано право. Сакаме да ги потсетиме дека кога нивните кули се градеа пред 50 години, тие доаѓаа кај нас да им помагаме, земаа вода и добиваа поддршка на секој начин.
Овој нивни гест на себичност е за секоја осуда. Нивното право на ниеден начин не се нарушува, но нашето да. Тие на ниеден начин нема да бидат оштетени, но ние да. Бараме итно да се повлечат од таа иницијатива и да покажат хуманост и доблест.
Понатаму, сакаме да ја информираме јавноста, дека во моментов собираме потписи за петиција која во понеделник ќе ја доставиме до сите надлежни институции. Ние имаме права како и сите други граѓани, а повеќе од 50 години не можеме да ги оствариме. Ние имаме право на живот во нормални услови, токму како оние кои секој ден се бунат против нас. Оваа битка ќе ја продолжиме до крај и со сите можни средства“, велат отааму.