Жители од Ново Маало: Изминативе 70 години бевме жртви на институциите , нема да дозволиме некои активисти да си поигруваат со нас

од Берта Китинска
352 прегледи

Ние, жителите на Ново Маало изразуваме силен револт кон реакциите на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ и нивните обиди за суспензирање на комплексот „Гранд“ на паркингот спроти „Холидеј Ин“.Изминативе 70 години ние бевме жртви на институциите кои нè водеа низ бескрајни лавиринти и нема да дозволиме некои активисти да си поигруваат со нас, кажаа денеска  на прес-конференција жителите на Ново Маало.

Токму поради тие активисти, и конкретно сега актуелната советничка во Општина Центар Јана Белчева, според жителите на оваа населба со години не смееле да направат никаква интервенција на сопствените домови.

-Со мораториумот кој таа го донесе во 2017 година како Претседател на Советот на Општина Центар, ние претрпевме директна штета, а таа не кажува зошто од тој мораториум го исклучи спорниот ДУП Ј07 во елитната населба на Водно кој предвидува ДУРИ 5-КРАТНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ВКУПНО ИЗГРАДЕНА ПОВРШИНА НА ОБЈЕКТИТЕ и 4-КРАТНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАТНОСТА. Тоа значи дека овие приземни бараки овде, сега може да имаат плус два ката и поткровје.Па еве, ја прашуваме јавно Јана Белчева дали овој ДУП не го става под мораториум бидејќи смета дека:

  1. БЕТОНИЗАЦИЈАТА НА ВОДНО Е ВО РЕД;
  2. ВОДНО НЕ Е ПРЕДМЕТ НА НЕЈЗИНИОТ АКТИВИЗАМ
  3. ВОДНО НЕ ГО СМЕТА КАКО СОСТАВЕН ДЕЛ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР
  4. ИЛИ ИМОТОТ НА ВОДНО КОЈ ТАА ГО ПРОДАВА Е ПОБИТЕН ОД ИНТЕРЕСОТ НА ГРАЃАНИТЕ?

Вистинскиот одговор е дека Јана Белчева имала личен интерес за имот на нејзиното семејство пред кој стоиме денес. Таа личниот интерес го става пред интересите на нејзините сограѓани во Општина Центар кои ги држи во агонија цели три години со нејзиниот незаконски мораториум, посочуваат новомаалчани.

Тие прикажувајќи фотографии од семејната барака на Јана Белчева на Водно, и прикажувајќи го објектот што е предвиден на локацијата согласно ДУП Ј07, кој Белчева не го вклучува во мораториумот, прашуваат: Дали за неа овие бетонски џинови во белите дробови на Скопје се во ред?

-Оваа барака од 200 м2 нејзината мајка Марија и нејзиниот вујко Климе во септември 2020 година ја продаваат за фантастични 380.000 евра, на кое место денес може да изгради огромен објект од 1000м2.

Повторувам: 380.000 евра личен профит, а може и повеќе со пари-на-рака, и објект од 4 ката на површина од 1000м2. Прашуваме – Дали со ДУП-от кој го исклучува од мораториумот таа гледа ШАНСА ЗА ПРОФИТ?

За сè ова имаме обезбедено и сеопфатна документација и спремни сме истата да ја приложиме до надлежните органи за целосно и јавно расветлување на случајот која е вистината зошто ДУП Ј07 не беше ставен под мораториумот на Јана Белчева.Воедно, најавуваме и дека ќе поднесеме Претставка до Советот на Општина Центар, до градоначалникот и до Антикорупциска да го истражат овој случај, а ги покануваме и медиумите самите да истражат зошто ДУП Ј07 не беше под мораториумот на Јана Белчева?

Никој нема право да одлучува за нашите имоти и нашите животи и многу важно за сите т.н. активисти: Ново Маало не е јавен простор!Тоа се приватни парцели, приватен имот и ние нема да дозволиме да ја испуштиме оваа шанса кога конечно имаме инвеститор кој преку фер обесштетување ни го решава нашиот децениски проблем.

Доколку блокадите од страна на Јана Белчева продолжат, ние нема веќе да трпиме, да молчиме и да се изјаснуваме само преку медиумите, туку ќе поднесеме тужба до надлежните органи и лично против Јана Белчева додека претседаваше со Советот на Општина Центар за претрпена штета од 2017 до 2021 година за време на нејзиниот незаконски мораториум, велат жителите на Ново Маало.

Слични содржини