Жителите од Ново Маало за почетокот на градбата на „Гранд Скопје”: „Конечно ќе добиеме достојни услови за живот“

од Vladimir Zorba
625 прегледи

Жителите од Ново Маало денеска на прес-конференција го поздравија отпочнувањето на градба на станбено-деловниот комплекс „Гранд Скопје”, на градежната парцела 1.1 спроти „Холидеј Ин”.

Посочија дека се среќни што се гледа почетокот на крајот на нивниот повеќедецениски проблем и што „конечно и ние ќе добиеме достојни услови за живот, како што доликува на едно централно градско подрачје“.

– Повеќе од 50 години живеевме во услови како од 19-тиот век, без фекална и атмосферска канализација, со септички јами, нерешено греење и без основни услови за движење низ улиците, притоа и без никаква можност самите да го решиме овој проблем и самостојно да пристапиме кон легална реконструкција на нашите домови. На овој простор нема никакво зеленило, ниту инфраструктура, единствено кал, распукан бетон и депонија за отпад, соопштија тие.

Потсетија дека доколку дојде до какви било обиди за повторни опструкции од кои било поединци, институции или организации за стопирање на проектот, најостро ќе реагираат, подготвени се да ги преземат сите правни механизми и ќе поднесат тужби до институциите за претрпена штета.

– Веруваме дека инвеститорот ќе го заврши овој објект во предвидениот рок и согласно претходно презентираниот проект, кој ветува урбано домување со многу зеленило, уреден јавен простор, и што е најважно, достојни домови за живот, додаваат оттаму.

Слични содржини