Во криза ли е менталното здравје кај младите, по наодите на OpenAI дека повеќе од еден милион корисници на платформата „ChatGPT“ покажуваат знаци на самоубиствени намери секоја недела? Непобитен е фактот дека развој на оваа платформа не ја одминува и нашата држава, што не доведува до сознанието дека вештачката интелигенција може да има потенцијално влијание врз емоционалното здравје.
Психолог-психотерапевт во Психотерапика, Радмила Живановиќ, за „Локално“ потенцира дека е посебно загрижувачки зголемувањето на бројот на деца и млади кои пријавуваат самоубиствени мисли или имаат направено обид за самоубиство, што укажува на потребата од итна и континуирана поддршка и интервенција во оваа област.
Живановиќ појаснува дека младите ја користат платформата ChatGPT онака како што ние никогаш како возрасни не би можеле да разбереме ниту пак да ја исконтролираме.
-Тоа значи дека треба и ние дигитално да се описмениме, и да ги поддржиме и нашите деца дигитално да се описменат, да знаат да ја направат разликата, критички да размислуваат, да ги проверуваат информациите кои ги наоѓаат на интеренет, додава психологот.
Како што потенцира, платформата ChatGPT си постои и ќе постои, дилемата е за кои прашања е најсоодветно да ја користиме, и дали навистина може да донесе поддршка во соодветно време.
-А зошто е толку привлечна за сите не само за младите, само времето ќе покаже, затоа што во моментот, незнам кој и што би можел на кој начин да ја регулира, додава Живановиќ.
Таа е на ставот дека користењето на платформите и социјалните медиуми многу зависи од младинските капацитети за себе-регулација, критично размислување и емоционална регулација, препознавање и проверка на факти и информации.
Доколку младите не ги поседуваат овие вештини, потенцира психологот, ќе се загубат во морето на дезинформации и инстант стимулации.

Радмила Живановиќ, фото: Фејсбук
Во однос на тоа дека преку оваа платформа, младите покажуваат знаци на самоубиствена намера, Живановиќ објаснува дека самоубиствените мисли се опсесивни и интрузивни мисли кои имаат себе-повредувачка тенденција, поради постојаното ниско себе-вреднување кај младиот, превалентното чувство на безвредност, безначајност, осаменост, како и непрепознавањето и непостоење на значајната поддршка од околината.
-Со самоубиствените мисли, младиот човек си ја оживува сопствената вредност и значајност, но и ја преиспитува истата. Многу често, самоубиствените мисли кога се споделени и разменети се повик за внимание и помош. Тие се обид да се добијат љубовта, вниманието и разбирањето кои недостасуваат кај младите, вели психологот.
Живановиќ објаснува дека овие мисли се појавуваат поради интензивно чувство на вина и срам, непризнаена тага поради одредена загуба, потиснати и недозволени емоции, збунетост поради различност и неподдржаност на таа различност и единственост.
Исто така, потенцира, постојат и поради пренагласената потреба за адаптација на условите на другите и огромна потреба за припаѓање која често e осуетена.
-Така во денешново општество ако не си радикално агресивен, ќе бидеш радикално анксиозен или депресивен, додава психологот.
Во однос на тоа како да се превенираат самоубиствени мисли кај децата во годините кога се најранливи, од 15 до 20 години, Живановиќ потенцира дека превенцијата почнува со промена на комуникациските образци во семејството, училиштето или заедницата, обезбедување на простор за изразување на агресијата кон надвор и поддршка за изразувањето, давање на дозвола да се биде поинаков, но во исто време и држење на границите на припадност и соодветно регулирање на емоциите и времето поминато со семејството и надвор од семејството.
-Превенцијата се случува и кога се обезбедува простор за изразување кај младиот, за пронаоѓање на сопствениот глас, дозвола за тагување, дозвола за растење поинакво од семејството и останатите. Да делуваме превентивно потребно е едно поинакво поврзување со нашите деца уште на многу порана возраст. Потребно е чување и заштита на приватноста на децата, уважување на нивните избори и постигнувања, а воедно и на падовите, грешките и несовршеностите. Потребно е родителите да излезат од нивните совршени улоги и да ги комуницираат повеќе сопствените чувства, постигнувања и ограничувања со децата/младите, вели Живановиќ.
Во однос на тоа како да се поттикнат отворени разговори со младите за спречување на самоубиствата, Живановиќ објаснува дека психолошката поддршка треба да им стане регуларна уште од многу порано, иако новите генерации на млади се повеќе размислуваат и зборуваат и бараат решенија за сопственото ментално здравје.
-Ние возрасните сме тие што повеќе треба да се менуваме за да им го овозможиме она што ним им е потребно, вели Живановиќ.
Таа објаснува дека државата треба да обезбеди повеќе сервиси и можности не само за ментално тукуи за физичкото и социјалното здравје на младинските заедници.
Б.Т.