Живко Мукаетов почесен конзул на Кралството Норвешка во Северна Македонија

од Nikola Popovski
372 прегледи

Почесен Конзулат на Кралството Норвешка денеска беше отворен во просториите на „Алкалоид АД“ Скопје, чиј генерален директор Живко Мукаетов ќе ја врши функцијата на почесен конзул во земјава.

На официјално отворање на конзулатот во присуство на министри во Владата, претставници на бизнис заедницата, на дипломатскиот кор, пријатели и деловни соработници, се обрати државниот секретар во норвешкото МНР, Ајвинд Вад Петерсон кој го потенцира одбележувањето годинава на 30 години од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји, кои рече станаа соседи по азбучен ред во именувањето во меѓународните организации откако државава го промени името.

Новата функција на Мукаетов му ја честита и државниот секретар во МНР на Северна Македонија Иван Тосевски, кој подвлече дека отворањето на почесниот конзулат претставува своевидна круна на годинашното одбележување три децении од билатералните односи меѓу Скопје и Осло.

-Вредната и голема финансиска норвешка поддршка за Северна Македонија е од големо значење за нашите реформски процеси. Поддршката која Норвешка ја дава за земјава и во однос на нашето претседавање со ОБСЕ во овие значајни геополитички времиња е исто така од големо значење, рече Тосевски изразувајќи благодарност и уверување дека новотоворениот конзулат ќе придонесе и за унапредување на билатералната економска и културна соработка.

Мукаетов порача дека е чест да биде почесен конзул на Норвешка и дека целосно ќе биде посветен на унапредување на соработката меѓу двете земји.

-Јас и мојот тим ќе направиме се за промоција на Кралството Норвешка и на билатералните односи меѓу двете земји кои се сојузници во НАТО, за унапредување на соработката, рече почесниот конзул.

Мукаетов покрај конзул на Кралството Норвешка во Скопје, веќе 16 години ја извршува и функцијата Генерален конзул на Кралството Данска.

Слични содржини