Животот не е филм

од Vladimir Zorba
174 прегледи

Агнес Варда е една од најпродуктивните европски режисерки, препознатлва по уникатниот стилски израз во филмскиот наратив. Едено од највпечатливите авторски дела на Варда е филмот „Вагабонт“  или “„Без покрив и закон“, каде главната улога ја одигра франсуската актерка, Сандрин Бонер.

vagabond03

Не случајно го одбрав овој филм од палетата ремек дела на Варда со намера да посочам на еден живот на млад човек, исклучен од општествениот контекст и норми. Наметнатиот очајнички залог на Западот, каде низ егзистенцијализмот го наметнува етичкиот кодекс на самопреживување или вулгарно „самореализација“ го кристализира постоењето на Мона, која одлучува да сврти грб на стегите кои ги создава капиталистичкото општество. Дваесетгодишната девојка, која во потрага по слобода ќе се соочи со празнината, посочува на еден суштински третман на државата кон единката.

Прашањето, како еден човек станува „странец“ во сепството е исклучителен дијалошки сегмент во филмскиот наратив. По одлуката на Мона да стане трагач скитник, се соочува со различни карактери, ситуирани и маргинализирани во општеството. На прашање, зошто Мона одлучила да живее живот на улица, таа демеонстративно одговара дека животот на административец е поoчаен. Отука, тезата на Хана Арент за баналноста на злото која произлегува од затруениот систем на државата и подаништвото кое се очекува од луѓето е ицртана визуелна приказна на Варда, која многу вешто, нелинеарно ја портретира приказната за иднината на младите луѓе, кои не го наоѓаат местото во опкружувањето кое се нуди.

Највпечатливиот момент во овој филм е смртта на дваесетгодишната Мона, што претставува суштинска метафора со која започнува „Вагабонт“. Откривањето на причините за смртта ќе го опишат целиот однос на отуѓениот човек, осамен и растегнат меѓу илузијата за среќа, самореализирање и општествено позиционирање. Критичкиот однос на режисерката Агнес Варда е крајно сентиментален и искрен, кој го става гледачот во позиција на преиспитување за  опкружувањето и животот на луѓето.

Вероника Камчевска

https://www.youtube.com/watch?v=v3E99QTez40