Северна Македонија е клучен партнер за Канада и со нетрпение очекуваме да ги унапредиме заедничките цели на двете држави, изјави денеска министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли на заеднички прес со нејзиниот колега Бујар Османи.
Дополнително, појасни Жоли, Канада и Северна Македонија се блиски партнери во западнобалканскиот регион. Таа е на ставот дека Северна Македонија е конструктивен партнер, а на домашно ниво земјите споделуваат клучно верување дека различностите, културните различности се сила и можат да бидат придобивка за зајакнување на меѓусебните односи.
Жоли потенцираше оти цврсто верува дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ.
-Можете да сметате на нашата поддршка. Би сакала да ве охрабрам да ги продолжите вашите напори да пристапите кон ЕУ и Северна Македонија е одлучна и способна, затоа што знаеме дека ниедна земја не може да направи толку многу сама, колку што може да направи заедно со другите, додаде Жоли.
Прашана кога Канада ќе воспостави безвизен режим, министерката посочи дека како стратешки партнери двете држави може да најдат решенија за различни прашања и оти е тука за натамошно унапредување на односите.
-Сега сме стратешки партнери, со тоа што овозможуваме поблиска соработка и можеме да најдеме различни решенија за различни прашања. Затоа сум тука за да ги унапредиме односите меѓу Канада и Северна Македонија, рече Жоли.