Тотенхем се подготвени за титулата, се чини дека сега со право можеме да го кажеме тоа. Тие се први на табелата во Премиер лигата во многу турбулентна сезона, имаат ист бодовен биланс како Ливерпул, трет најдобар напад во лигата (23) и најдобра одбрана (9). Минатиот викенд го поминаа последниот колоквиум на овосезонскиот испит и ја завршија серијата натпревари со Манчестер Сити (2:0), Челси (0:0) и Арсенал (2:0) со седум поени и без примен гол – импресивно!
Нема потреба да трошиме зборови zа напаѓачкиот тандем што носи најголема заслуга за оваа страшна серија резултати (од поразот во првото коло од Евертон, тие забележаа седум победи и три нерешени натпревари). Хари Кејн и Хјунг-Мин Сон си наместија дури 11 погодоци оваа сезона, лукавиот напаѓач од Јужна Кореја е втор стрелец во лигата со 10 погодоци (три асистенции), додека на капитенот на англиската репрезентација му недостасуваат два гола за дабл-дабл (осум гола и 10 асистенции).
Уште еднаш, Мурињо стручно погоди со засилувања, трансферот на Пјер Емил Хојберг од Саутемптон за 17 000 000 евра веќе се смета за еден од најдобрите оваа сезона во цела Европа, Данецот формираше страшен тандем со Сисоко во средниот ред. Поранешниот играч на Баерн прави сè, крати напади, ја расипува играта на противникот, го диктира темпото и е вистински кошмар за сите ривали, па Мурињо го нарече „капитен без лента“ – во негов стил.
Немаше грешка со ангажирањето на Серхио Регилон од Реал Мадрид, кога го гледаат како левиот бек игра во дресот на „петлите“, сигурно се фаќаат за глава во шпанската престолнина. Тој е исклучително продорен, технички многу вешт, а во исто време е и многу стабилен во одбраната, многу одговорно ги исполнува сите задачи на теренот.
Таму се наоѓа и Герет Бејл, кој веќе постигна два гола, но бара форма исклучиво во Лигата на Европа и некои епизоди во елитниот англиски ранг, како и стоперот Џо Родон, кој одигра одлично дерби со Челси, потоа Мет Доерти, Виничиус, Џо Харт – Тотенхем заврши навистина одлична работа во текот на последниот преоден рок.
А, како игра Тотенхем? Како и сите успешни екипи на Мурињо, цврсто во бековската линија, стабилно во средниот ред и смртоносно во нападот. Нема губење време со топката оваа сезона, тие ја имаат во нозе во просек 49,8% од времето, и тие се едни од најефикасните тимови во лигата, со најдобра одбрана досега оваа сезона на Островот.
„Кога ни треба топката, ја имаме. Кога треба да бидеме агресивни во транзиција, ние сме агресивни. Кога ќе треба да бидеме компактни, цврсти, вредни, организирани, ќе бидеме. Ќе бидеме на врвот на Премиер лигата уште една недела, што е многу забавно“, изјави Мурињо по победата во големото градско дерби против Арсенал.
Значи, се чини дека дојде време Тотенхем да избрише прашина од своите витрини и да резервира место за барем еден трофеј оваа сезона. Одлично се снаоѓаат и во Лигата на Европа, бидејќи Мурињо ги дистрибуираше минутите и јасно е дека тие се едни од фаворитите во второкласното европско натпреварување. Сепак, Португалецот бега од таа улога, барем во Премиер лигата.
„Тотенхем не е кандидат за титулата. Ние не сме ниту во трка, не сме коњ, ние сме мали и млади, како пони“, рече во свој стил Специјалниот, но фактот дека тие не се главен фаворит не значи дека на крајот нема да седнат на тронот.