Карлос Карвахал со нетрпение го очекува дуелот со „кралот на португалскиот фудбал“ Жозе Мурињо кога Свонси Сити ќе се соочи со Манчестер Јунајтед во натпревар од 32-то коло на англиското првенство.
Двајцата се познаваат подолго време, а и актуелниот менаџер на „лебедите“ истера стаж кај Мурињо за време на неговиот престој во Челзи и Реал Мадрид.
„Жозе Мурињо е одличен менаџер. Еден од најдобрите на светот и сигурно најдобриот кој Португалија некогаш го имала. Во нашата земја тој е како крал на фудбалот. Специјален е. Тој ги отвори вратите на многу други португалски тренери кон странство и го претстави светот со поинаква идеја за какви луѓе сме“, рече Карвахал.
„Кога и да ја прекине кариерата, тој ќе биде запаметен долго време заради работата која ја заврши. Го сакам многу, но во сабота ќе се обидам да освојам поени против него“, додаде тој.