„Журка во палатата“: На третиот ден од прославата на платинестиот јубилеј ќе настапи Алиша Кис

од Stefanija Kuzmanovska
339 прегледи

Синот и наследникот на британската кралица Елизабета Втора, принцот Чарлс и нејзиниот внук принцот Вилијам, ќе му оддадат почит на британскиот монарх кој собори рекорди во нејзиното владеење со поп концерт во Бакингемската палата, третиот ден од националната прослава на нејзината 70-годишнина на тронот.

„Журка во палатата“, на која ќе настапат пејачките Алиша Кис и Дајана Рос, е главниот настан на денешниот платинест јубилеј, заедно со коњската трка во дербито на Епсом, објави „Ројтерс“.

Елизабета Втора (96), голема обожавателка на коњски трки и сопственичка на многу расни коњи, беше принудена да ја прескокне 243-та трка во Дербито поради повремени проблеми со подвижноста, поради што ја пропушти и вчерашната служба за Денот на благодарноста приредена во нејзина чест.

Принцот Чарлс и неговиот најстар син Вилијам ќе одржат говори на концертот во палатата, каде изведувачи од целиот свет ќе забавуваат околу 22.000 луѓе од 19.30 часот по локално време.

На концертот не се очекува да присуствува самата кралица. На концертот ќе се појават и рок групата „Квин“ и Адам Ламберт и пејачот Род Стјуарт, а ќе биде објавена и специјална снимка од настапот на Елтон Џон.

Гитаристот на „Квин“ Брајан Меј, кој ја свиреше химната од покривот на палатата на концертот за златниот јубилеј на кралицата во 2002 година, навести уште еден незаборавен момент.

Слични содржини