Достоинство, слобода и правда се трите збора кои ја содржат суштината на човековите слободи и права. Тие означуваат дека секоја единка/човек мора да биде почитуван/a без разлика на неговата вера, боја на кожа, пол, раса, дека треба да биде третиран на еднаков начин и да ги ужива сите со закон и устав загарантирани права и тоа на начин што нема да се става во нееднаква положба со кој било друг, порача народниот правобранител Насер Зибери по повод 10 Декември – Светскиот ден на човековите права, што оваа година се одбележува под мотото „Достоинство, слобода и правда за сите”.
„Овие зборови укажуваа дека на секој мора да му биде гарантирана слободата во неговото живеење, работење, и дека мора да има правда за сите, од причина таа е основата на секое демократско општество“, вели Зибери.
По појавата на пандемијата со КОВИД-19, вели Зибери, сме на прагот на уште едно големо премрежие, економската криза и од тие причини, државите мора да работат на создавање на предуслови за справување со кризата, посебно за ранливите категории на лица, кои се најпогодени.
„Годината која изминува е година во која се случи и војната во Украина, која остави зад себе илјадници раселени лица, луѓе кои живеат во крајно нехумани услови без пристап до вода, струја, греење, образование, со еден збор се она што војните го носат со себе“, додава Зибери.
Порачува дека никако не смеат да се заборават децата како ранлива категорија, врз кои, како што вели, пандемијата оставила најголеми траги, а сведоци сме и на зголемено насилство врз децата и меѓу самите деца.
„Не само во нашата земја туку и во регионот пошироко. Ова е аларм/сигнал дека во наредниот период сите чинители мора да работат во насока на сузбивање на оваа појава, затоа што колку и да звучни како излитена фраза сепак децата се нашата иднина, а ние возрасните сме тие кои мора да им го покажеме вистинскиот пат по која треба да чекорат“, апелира народниот правобранител.