Народниот правобранител Насер Зибери денеска на прес-конференција ги презентираше податоците за почитувањето на начелото на недискриминација и соодветна и правична застапеност, како и за половата застапеност во јавниот сектор за 2020 година. Тој посочи дека нема подобрување околу соодветна и правична застапеност на помалите заедници во сите јавни сектори во 2020 годин и дека во јавните претпријатија, обвинителствата и судовите има застој во спроведувањето на ова начело.
Во насока на спроведување на оваа активност од Народниот правобранител беа поднесени барања до 1.345 институции, од нив, одговориле 1.209. Вкупно 136 институции не доставиле податоци за состојбата со примената на начелото на соодветна и правична застапеност на заедниците во органите на државната власт, и во целина јавниот сектор и локална самоуправа.
Подобрување има само во во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавниот сектор во одност на етничката застапеност на граѓаните.
-За жал, подобрување на состојбата нема подеднакво во сите сектори, институции и органи. Во некои од органите на државата, како Собрание, Народен правобранител, Влада, министерства, единиците на локална самоуправа и во некои од поголемите фондови состојбата е значително подобрена. Но и тука, не за сите заедници подеднакво, рече Зибери.
Анализата на податоците покажува дека застапеноста не е иста и во поглед на структурата по однос на образование, раководни и нераководни позиции.
-Оттука, податокот говори дека во раководните позиции застапеноста на помалку бројните заедници е далеку помала од бројот на вработените. За разлика од ова, кај избраните и именуваните лица состојбата соодвествува со нивната застапеност, додаде Зибери.
Народниот правобранител, констатирајќи ги овие состојби препорачува преземање посериозни мерки во насока на почитување на оваа темелна вредност и препораките се адресирани до сите институции зависно состојбата која е констатирана.
Тој констатираше дека во насока на подобрување на примена на ова начело сериозен проблем претставува и примената на законското решение за т.н. балансер во застапувањето на заедниците.
Оттука , препорака на Народниот правобранител до Министерството за информатичко општество и јавна администрација е да се позанимава посериозно со наоѓање соодветен механизам со кој ќе се елиминира злоупотребата на т.н. балансер и начелото на правична и соодветна застапеност да биде имплементирана како што тоа е утврдено и во Уставот.
Како што информираше Зибери, во органите на државата, како што се Претседател, Собрание, Влада, Уставен, Врховен и управни судови, Народна банка, Кабинетот на Претседателот на државата и Уставниот суд, МАНУ, не е забележано подобрување на застапеноста во 2020.
Во министерствата, народниот правобранител рече дека состојбата во целина е подобрена, но и тука не соодвествува застапеноста во однос на раководни и нераководни позиции.