Зибери потврди „сериозен проблем“: Готови лични документи стојат во пунктовите

од Nikola Popovski
408 прегледи

Народниот правобранител Насер Зибери денеска му порача на Министерството за внатрешни работи да се реорганизира за да го нормализира издавањето готови лични документи на граѓаните кои веќе се фотографирале за нови исправи откако претходно одвај успеале и да закажат термин.

Зибери на прес-конференција оцени дека се работи за „сериозен проблем“ и „неприродна ситуација“.

Соопшти дека во јануари-февруари примиле 50-ина претставки за лични документи по различна основа – покрај за неможноста да се подигне документот, граѓаните се жалат и на неможност да закажат термин, а има и претставки за надомест на трошок затоа што вадат нови документи иако рокот на важноста на старите не е истечен.

При посета на двата главни пункта во Скопје – во  МРТВ и во Кисела Вода, тимови на НП ги потврдиле наводите од претставките дека има „сериозен број исправи“ (лични карти, возачки и сообраќајни дозволи, но и пасоши) „ставени настрана и нема увид органот за нивно распределување односно издавање иако се завршени“.

Тимови на Народниот правобранител досега им помогнале на граѓани на кои итно им бил потребен пасошот што не успеале да го подигнат, најчесто за некој вид патување (за лекување, спортско, деловно или научно патување) и во соработка со служби на МВР тие ги нашле готовите документи.

-Но, ова е неприродна ситуација. Министерството за внатрешни работи  тоа треба да го прави по службена должност и да им ги даде документите, а не ние. Укажуваме МВР да направи добра реорганизација на процесот и нормално да тече издавањето готови исправи. Доста чекаат за добивање термин, па за фотографирање, обработка и одобрување, па уште и за издавање да се чека, рече Зибери.

Слични содржини