Зибери: Се помалку отсуствува контролата кој се влегува во затворите и што се внесува

од Vladimir Zorba
244 прегледи

Народниот правобранител Насер Зибери вели дека има многу отворени прашања на кои треба да се одговори во врска со инцидентот што викендот се случи во затворот „Идризово“ кога беа повредени полицајци и затвореници.

Зибери вечерва на гостување на телевизија „Телма“ рече дека се обезбедени записите од видео надзорот кои не се доволно квалитетни бидејќи нема видео запис кој перманентно ги следи просториите во сите делови. Дел од камерите, како што посочи, не биле вклучени, а дел се свртени од страна на двајца затвореници.

Зибери посочи дека во неделата биле во полуотвореното одделение, но поради тоа што било неработен ден, не успеале да ги обезбедат сите потребни докази што ги барале по што вчера повторно биле во затворот и ги обезбедиле снимките од видео надзорот.

– Велам дека се недоволно квалитетни, бидејќи нема видео запис кој перманентно ги следи просториите во сите делови. Второ, дел од камерите не биле вклучени и свртени во просторијата каде што требало да биде снимен записот. Трето, во еден дел се гледа на почетокот на изведување на акцијата како двајца затвореници ги свртуваат камерите. Дали сметале дека не се добро насочени, па да ги пренасиле или намерата им била да не биде снимен целиот настан? Не можам да дадам мериторен одговор, но се гледа дека двајца затвореници ги пренасочуваат камерите. Моментот кога овие затвореници ги фаќаат камерите и ги пренасочуваат камерите се случува на почетокот на акцијата, рече Зибери.

Ваквата постапка на затворениците, според Зибери, го отвара прашањето зошто е дозволен пристап на затвореници во делот каде што се врши видео надзорот.

– Постојат правила каде можат да се движат затворениците. Иако тој оддел на затворот Идризово има третман на полуотворен затвор, сепак и таму, според Законот за извршување на санкции и според правилникот за куќниот ред на затворот, строго се предвидени и определени патеките по кои можат да се движат затворениците, појаснува Зибери.

Додаде дека сеуште го немаат добиено судскиот налог, барањето на ОЈО упатено до судија во претходна постапка и наредбата на судијата во претходна постапка до МВР.

-Да ги видиме причините поради кои доаѓа до акцијата на МВР бидејќи согласно Законот за извршување на санкции, претрес на затвореници и на простории во затворите врши затворската полиција. Се поставува прашањето зошто претресот е направен од МВР?. Денес низ разговори на оваа тема добив информација дека е можно истрагата да опфати и лица кои се дел од затворската полиција. Ние сакаме да се увериме во исправноста на целата акција, потенцира Зибери.

Посочи дека ќе побараат одговор од Бирото за јавна безбедност дали е направена добра безбедносна проценка при влегувањето на припадниците на МВР и дали МВР добила валидни информации од управата на затворот за состојбата внатре.

– Убеден сум дека доколку имаше подобра координација и комуникација меѓу службите, можеше да се превенира и последиците да не бидат од овој карактер, рече Зибери.

Според него, во затворите отсуствува добрата контрола што се се внесува внатре и се поставува прашањето дали затворската полиција ја извршува својата работа.

-Се помалку отсуствува контролата кој се влегува во затворите и што се се внесува. Арсеналот што го презентираше полицијата, а е пронајден при претресот, е внесен однадвор и оттука се поставува прашањето колку службите ја вршат својата работа, рече Зибери.

Зборувајќи за условите во психијатриските болници и во дел од полициските станици, посочи дека условите во полициската станица во Бутел се лоши.

Слични содржини