Секоја реформа која бара промена на поведение е тешка. Во ова спаѓаат и судството и Обвинителството кои тешко се прилагодуваат на промените. Воведувањето на оценка на судиите, отчетноста пред Судскиот совет или Советот на јавни обвинители предизвикува тензија во самата институција и има настојувања тоа да се одложи, коментира Народниот правобранител Насер Зибери во Утрински Брифинг.
Тој вели дека поради пандемијата имаше многу помал број претставки оти луѓето не беа во можност слободно да се движат, а повеќето сакаат лично да поднесат претставка во канцеларијата. Претставки има и за состојбите во затворите, но и за денационализацијата.
Судовите и судиите се на врвот од перцепцијата за застапеноста на корупцијата во земјата.
-Мислам дека извештајот на Транспаренси е објективен и се чувствува клима во Владата да се зафати со намалување на овој тренд. Корупцијата е феномен кој не може целосно да се елиминира, но спремноста на институциите да се справат создава атмосфера на промена на перцепцијата, вели Зибери.
Тој додава дека пред два месеца е направена анализа како постапуваат институциите по препораките од правобрантелот и дека 30 отсто од органите постапуваат навремено и 30 отсто реагираат по повторено барање, а 30 отсто воопшто не одговараат. Зибери вели дека најмалку кооперативни се судството и апаратот на присила во државата кој се чувствува моќен и не сака контрола. Неодговарање на барање од народниот правобранител се смета за попречување на работата на народниот правобранител.