Претседателот на Собранието, Африм Гаши на почетокот на денешната седница соопшти дека на 12 јули 2025 година му престанува функцијата Народен правобранител на Насер Зибери поради исполнување на условите за старосна пензија.
-Ве известувам дека Народниот правобранител Насер Заибери на 12.07.2025 година исполни услови за старосна пензија. Констатирам дека врз основа на член 9 став 1 од точка 3 од Законот за Народниот правобранител на Народниот правобранител Насер Зибери му престанува функцијата Народен правобранител на 12 јули 2025 година поради исполнување на условите за старосна пензија, нагласи Гаши.
Тој веќе ја потпиша одлуката за распишување оглас за нов народен правобранител.
Во моментов оваа институција функционира со двајца заменик-правобранители, односно со Илбер Руфати од Кичево и Соња Трифуновска од Скопје, но недостасуваат уште седум заменици на првиот омбудсман.
Зибери беше избран за народен правобранител во јануари 2021 година со 61 глас „за“ и ниту еден глас „против“ од претходното парламентарно мнозинство. Тој ја наследи функцијата од Иџет Мемети, кој беше на чело на институцијата 16 години, односно два мандати по осум години.