Иако претставниците на новите газди на Њукасл не најавуваат нов тренер и постојано ја спуштаат топката под изговор дека во моментов има „поважни работи што треба да се решат“, британските медиуми откриваат дека работат на контакти со многумина менаџери на Сент Џејмс Парк. Се разбира, желбите се едно, реалноста сосема друго. Така, постојат извори кои тврдат дека новиот најбогат клуб во светот веќе е отфрлен од Антонио Конте и Брендан Роџерс, и дека третиот кандидат – Зинедин Зидан – наскоро и официјално ќе го стори истото.
По освојувањето на Лигата на шампионите со Реал Мадрид и заслужениот епитет на еден од најценетите експерти во светот, на Французинот не му недостасуваат понуди, но како што стојат работите во моментов, тој не е заинтересиран да се врати на работа наскоро.
Се наведува дека Зизу не бил заведен од големи пари и грандиозни проекти, дека се одмара и чека покана на една од двете клупи што ги „пикирал“- француската репрезентација или Јувентус.
Оваа ситуација ги поттикна Англичаните да се потсетат на некои детали од минатото поврзани со Њукасл и Зинедин Зидан. „Страчките“, веќе не е тајна, го отфрлија еден од најголемите играчи на сите времиња летото 1996 година. Тој тогаш имаше 24 години и сакаше да го напушти Бордо по секоја цена. Агентот Бери Силкман му го понуди на Њукасл, францускиот клуб побара само 1.200.000 фунти компензација, но тогашниот менаџер на „црно -белите“, Кевин Киган, ја отфрли таквата можност.
Само две години подоцна, Зизу стана европски шампион со репрезентацијата на Франција, а во дресот на Јувентус се етаблираше како водечки ас на својата генерација.
Интересно, ова беше втор неуспешен обид на Зизу да дојде во Англија. Една година претходно, шампионот Блекбурн можеше да го земе за малку пари, но …
„Зошто би го купиле тој човек кога го имаме Тим Шервуд“, рече тогаш првиот човек на Роверс, Џек Вокер.
И што го чека Њукасл по сите овие одбивања?
Истите извори пишуваат дека следната понуда ќе оди на адреса на Френк Лампард, кој е без работа откако го напушти Челси.