Зидан најави разделба со Реал

од Vladimir Zorba

Францускиот стручњак Зинедин Зидан им порачал на играчите на Реал дека ќе го напушти „кралскиот клуб“ на крајот на сезоната, пренесуваат европските медиуми.

Како што стојат работите, Реал Мадрид во следната сезона ќе влезе со нов тренер, пренесува Goal.

Францускиот стручњак им соопштил на своите играчи дека ќе го напушти тимот по преостанатите два натпревари во домашното првенство.

Според бројни европски медиуми, на одлуката на Зидан нема да влијае ниту освојувањето на Ла Лига.

Реал во моментов е на второто место, со два бода помалку од градскиот ривал Атлетико.

„Кралскиот клуб“ до крајот на сезоната ќе одигра уште два натпревари, против Билбао и Виљареал.

За поранешниот фудбалер на Реал, ова е втор мандат во овој шпански клуб.

Тој го водеше тимот за прв пат во периодот од 2016 година, до 2018 година, кога освои дури три Лиги на шампиони и една титула во домашното првенство.

Французинот се врати на клупата на Реал во март 2019 година, а минатата сезона уште еднаш го подигна трофејот во Ла Лига.

Оваа сезона, Реал беше поразен во четвртфиналето од Купот и полуфиналето од Лигата на шампионите, додека на две кола пред крајот го зазема второто место на табелата во шпанскиот шампионат.

Слични содржини