Фудбалскиот тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан изјави дека нема потреба јавно да го брани претседателот на клубот Флорентино Перез поради формирањето на Суперлигата.
Тој додаде дека претседателот го знае неговиот став на таа тема.
„Претседателот знае што има во моето срце и што мислам за тоа, а ние сме тука да се подготвиме за утрешниот натпревар“, рече Зидан, пренесе „Скај Спорт“.
Фудбалерите на Реал Мадрид ќе се сретнат со тимот на Челзи утре од 21 часот, во првиот натпревар од полуфиналето во Лигата на шампионите.
Заедно со Барселона, Реал остана единствениот клуб кој сè уште не ја напуштил новоформираната европска Суперлига, а Перез е и првиот човек на тоа натпреварување.
„Не е дека не сме заинтересирани за други работи, едноставно не е време да разговараме за тоа. Ќе играме во полуфиналето во Лигата на шампионите и тоа е се за што сакаме да размислуваме“, додаде Зидан.
Веста за Суперлигата беше објавена во недела на 18 април, а два дена подоцна клубовите основачи почнаа да ја напуштаат, а меѓу првите беа англиските клубови.
Претходните денови, Перез објави дека проектот Суперлига може да се „оживее“.
„Ние не влијаеме на тоа, ќе има многу разговори, и јас само го искажувам моето мислење. Сакам да го видам Реал Мадрид во следната Лига на шампиони и тоа е тоа“, рече Зидан.