Зидан: Заминав затоа што немав поддршка и доверба

од Stefanija Kuzmanovska
419 прегледи

Францускиот фудбалски тренер Зинедин Зидан, во отворено писмо објавено од шпанскиот весник „Ас“, ги објасни причините поради кои се повлече од функцијата шеф на стручниот штаб на Реал Мадрид.

Во писмото упатено до „Почитуваните навивачи на Реал“, Зидан изјави дека не поднел оставка затоа што сакал да побегне или дека се уморил од тренерската позиција

„Во мај 2018 година заминав само затоа што, по многу години и голем број освоени трофеи, почувствував дека на тимот му треба нов пристап за да остане на највисоко ниво. Работите сега се поинакви. Заминувам затоа што чувствувам дека клубот веќе нема доверба во мене што ми треба или поддршка за да изградам нешто на долг рок“, се вели меѓу другото во отвореното писмо на Зидан.

Зидан истакна дека засекогаш ќе му биде благодарен на претседателот на клубот, Флорентино Перез, кој го донесе во Реал пред 20 години, но изрази и жалење што односите со управата на клубот не биле подобри во последните месеци.

„Ги делам сите вредности на Реал Мадрид. Овој клуб им припаѓа на неговите членови, неговите навивачи ширум светот. Се обидов да ги следам и да ги почитувам овие вредности во сè што направив и се обидов да бидам пример. Јас секако не сум најдобриот тренер на светот, но сум во состојба секому да му дадам сила и потребна самодоверба, без разлика дали станува збор за играч, член на стручен штаб или вработен во клубот“, стои во отвореното писмо на Зидан, кое заврши со пораката дека тој секогаш ќе биде навивач на Реал.

Слични содржини