Неделниот протест на опозицијата и незадоволните граѓани наиде на одглас во германските весници. Се отворија длабоки јазови во македонското општество. Но тие веќе не одат долж етнички линии, се констатира во написите.
„Владата во Македонија, земјата-кандидат за членство во ЕУ, е темелно дискредитирана, масовните протести, кои токму го запираат здивот во земјата, ги распламти 40-годишниот шеф на опозицијата Зоран Заев. Но, демонстрантите би можеле и него да го збришат од функцијата“ – извлекува во поднасловот „Зиддојче цајтунг“.
Весникот смета дека се во прашање „часови, можеби и денови“, во кои работите во Македонија уште остануваат неизвесни. Во текстот пишуван по протестот на незадоволните граѓани во неделата, се пренесни зборовите на „Игор, Беким и една млада жена, која не сака да си го каже ни името“, сите на прагот на 30-тите, дека „овие денови се најдоброто што Скопје било кога ги доживеало. ’Сите, кои вообичаено се прикриваат, хомосексуалците и лезбејките, сега се осмелија да излезат на улица‘. Беким припаѓа на албанското малцинство, другите двајца се Македонци. ’Тие етнички етикети не не’ интересираат‘, вели Беким, ’владата и медиумите инсценираат етнички конфликт, кого во секојдневието го нема‘. (…) Како активист за права на хомосексуалците и лезбејките постојано сум изложен на непријателства. Ситуацијата овде е полоша отколку во Русија. (…) Владата на Груевски е отворено хомофобна.
(…)
На прашањето дали Заев навистина може да ја реформира земјата, се нуди одговор од Сашо Орданоски: „Заев е свесен дека кризата што самиот ја предизвика, може и за него да значи политички крај“. Наведено е и дека се зборува оти Заев ќе понуди да се повлече од улогата на водач на опозицијата, ако Груевски се повлече од премиерската функција. Пренесен е и ставот на Орданоски дека „на земјата засега не и’ се потребни нови избори, туку воспоставување на триделбата на власта и правосудство од доверба. ’Ќе ни бидат потребни години за да го разградиме клиентелизмот инсталиран од Груевски. Со таа работа мора прво да започне една техничка преодна влада‘“.
извор: Дојче веле
Текстот во целост прочитајте го тука
