Зиков за „бојкотот“ на ВЛЕН на Вучевиќ: Време е Македонија да добие една, а не две влади

од Nikola Popovski
113 прегледи

Политичкиот аналитичар и новинар Љупчо Зиков вели дека не може да ја политизира причината околу наводниот бојкот на министрите од редовите на ВЛЕН при посетата на српскиот премиер Милош Вучевиќ.

-Премиерот ги повикува луѓето што треба да стојат при пречекот – можеби не биле повикани. Можеби било договорено да не бидат повикани. Ако биле повикани, има случај.

Ако биле предвидени албанскиот дел од министрите во Владата во пречекот и да бидат присутни на состанокот со српскиот премиер, тогаш требало да бидат. Тие се коалициски партнер и тоа би требало да значи тоа што со децении го зборуваме – Време е Македонија да добие една, а не две влади, порача Зиков во емисијата „Само вистина“.

Според него, не можете да водите две политики заради тоа што станува збор за фундаментални позиции во балканските односи.

-Ако ја земеме спецификата на односите меѓу Македонија-Србија, Македонија-Косово и Македонија-Албанија и сето тоа што се случува меѓу Белград и Приштина, битно е во Македонија да постои монолитна позиција на Владата, додаде Зиков.

На официјалниот пречек за српскиот премиер, ниту еден претставник од владиниот коалиционен партнер ВЛЕН не присуствуваше.

Вучевиќ беше пречекан со највисоки државни и воени почести пред Владата, а покрај премиерот Христијан Мицкоски присуствуваа и вицепремиерите Александар Николоски и Иван Стоиљковиќ, како и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски и министерката за енергетика Сања Божиновска.

Вицепремиерот Изет Меџити не беше со нив.

Слични содржини