„Зимзоленд“ ќе продолжи да работи, доставена е потребната документација – соопштија од забавниот парк

Претходно надлежните соопштија дека организаторите на „Зимзоленд“ немале никакви документи

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Инстаграм/Зимзоленд

Од забавниот парк „Зимзоленд“ синоќа соопштија дека не се точни тврдењата во дел од медиумите дека ќе бидат затворени. Оттаму велат дека „Зимзоленд“ продолжува да работи со редовно работно време – работни денови од 12:00 часот и викенди од 10:00 часот.

-Точно е дека во претходните денови имаше инспекциски надзори, но до надлежните служби беше доставена целосната и потребна документација, посочуваат од забавниот парк.

Претходно, Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство информираа дека во забавниот парк биле откриени низа пропусти, дел од нив од санитарна природа, како и дека организаторот воопшто не ја известил АХВ дека ќе се продава храна во рамки на паркот.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, пак, објави на „Фејсбук“ дека Град Скопје немал издадено никаква дозвола за вршење дејност на оваа локација.

„По пријави од граѓани, постапивме на Зимзоленд. Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека Градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект. Дополнително, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи“, објави Ѓорѓиевски.

„Вчера во попладневните часови е извршен заеднички вонреден инспекциски надзор над работењето на организираната манифестација „Зимзоленд“. Во надзорот учествуваа Градежна инспекција на Општина Аеродром, Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Дирекција за заштита и спасување. Градежен инспектор на Општина Аеродром изврши увид и отпочна инспекциска постапка согласно со Законот за градење, Законот за инспекциски надзор и Законот за општа управна постапка за отстранување на поставената опрема“, соопштија од Општина Аеродром.