„Златна малина“ отвори специјална категорија – „Најлошите изведби на Брус Вилис“

од Vladimir Zorba
817 прегледи

Осум филмови со американскиот актер Брус Вилис се во трка за сатиричната филмска награда „Златна малина“, која се доделува за најлоши филмски остварувања.

Оваа година организаторите на „Златна малина“ почувствуваа потреба на Вилис да му доделат посебна категорија, која ја нарекоа „Најлошите изведби на Брус Вилис во филм од 2021 година“.

Во овие филмови, главно со многу низок буџет и прикажани само на стриминг, ѕвездата од сагата „Умри машки“ има „оригинални улоги“ како што се разочаран шериф, поранешен полицаец, пензиониран генерал или поранешен агент на ЦИА.

Ниту еден од овие филмови, во кои Брус Вилис често се појавува само накратко, но кои тој активно ги промовираше, не доби повеќе од 20 отсто позитивни критики на веб-страницата Rotten Tomatoes, која собира критики од различни извори.

Меѓу номинираните се Џаред Лето за улогата во „Куќата на Гучи“ и НБА ѕвездата Леброн Џејмс за „Спејс Џем“.

„Златната малина“ се доделува од 1980 година, а номинациите ги избираат 1.000 членови на Фондацијата „Златна Малина“, која ја пародира Американската академија за филмски уметности и науки.

За прием во таа фондација е доволна претплата од 40 долари годишно.

Победниците кои вообичаено нема да дојдат на доделувањето ќе добијат скулптура од златно-жолта малина која чини 4,79 долари.

Досега единствените „победници“ кои дојдоа на доделувањето беа Сандра Булок и Хали Бери.

Годинешните победници ќе бидат објавени ден пред доделувањето на Оскарите на 26 март.

Слични содржини