Движењето ЗНАМ демантира дека нивни поддржувачи и финансиери биле фатени со дрога во Охрид. Според партијата на Максим Димитриевски, ваквите објави се невистинити, тенденциозни и имаат единствена цел, да ги дезинформираат граѓаните и поддржувачите, како и да му наштетат на угледот на Движењето.
-Движењето ЗНАМ – За наша Македонија смета дека пласирањето на невистини и обвинувања без докази, само со цел нанесување на штета на политички ривал, е нормално за некој кој по четири години парламентарно работење не успеа да добие поголема доверба кај граѓаните, поради што Левица освои ист број на пратенички места како и ЗНАМ.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија сака да укаже дека објектнивното и непристрасно информирање, особено кога станува збор за пласирање на информации со кои се обвинуваат одредени лица, субјекти подразбира дека пред објавувањето на содржините е неопходно да биде контактирана и втората страна. Со тоа ќе се оневозможат дезинформации и пласирање на еднострани, злонамерни и невистинити информаци, истакна меѓу другото од новата владеачка партија.
Претходно, Левица преку соопштение информира дека во текот на минатата недела, во акција на Охридската полиција, со поголема количина дрога беа уапсени три лица, за што им е изречена и мерка притвор. Според партијата, лицата биле во роднинска врска со поранешниот премиер, Бранко Црвенковски и поддржувачи на ЗНАМ и нејзиниот лидер, Максим Димитриевски.
„Иако се работи за поголема акција на полицијата, иако праксата на МВР е задолжително да ја информира јавноста – МВР овој пат МОЛЧИ! Настанот е евидентиран само во Дневниот билтен, додека отсуствува било каква информација до медиумите.
Јавноста треба да знае дека се работи за лица кои се директни поддржувачи и финансиери на партијата на Максим Димитриевски, па оттука Левица јавно прашува дали Министерството за правда е доделено на оваа партија за да ги штити криминалците во своите редови кои директно ја финансираат?!“, прашаа од партијата на Димитар Апасиев.
Од таму го повикуваат новоизбраниот министер на МВР, Панче Тошковски, да не го заташкува овој случај.