„Најпрво, кога Венко Филипче – симболот на здравствената мафија од време на пандемија, зборува за морал, чесност и патриотизам, тоа е навреда за здравиот разум на граѓаните. Човекот чие министерување ќе остане запаметено по рекетот со вакцини и набавки без фактури, денес се обидува да биде морална громогласна совест? Сериозно?!“- вака од ЗНАМ ја почнаа својата реакција на денешното соопштение на СДСМ во кое беше обвинет нивните лидер Максим Димитриевски.
ЗНАМ потсетува дека Димитриевски беше, како што велат, еден од ретките кои гласно се спротивставија на договорот со Бугарија, договор со кој од окупатори направивте администратори, а од Гоце Делчев – личност за потценување.
-Каде беа тогаш гласот и совеста на СДСМ? Каде беа вашите „патриоти“ кога се газеше врз историјата и идентитетот на оваа држава? Максим зборуваше кога вие молчевте. Максим застана за државата, кога вие ја распродававте. Но денес, предавник е оној што ја брани државата, а не оној што ја продаде. Денес, според СДСМ, поголем грев е да ја изневериш партијата, отколку да ја изневериш Македонија. Ниту еден од Вас не проговори кога вашиот поранешен лидер Зоран Заев, држејќи ја раката на срцето, тивко, чекор по чекор, ја разнебитуваше државата. Тогаш, тоа не беше предавство? Тогаш социјалдемократите не ги викавте да се вратат дома, прашаа од ЗНАМ.
Од движењето додаваат дека граѓаните знаат кој зборува чесно, а кој зборува по нарачка. Како што велат, знаат кој бранел држава, а кој молчел за тендер.
-Максим Димитриевски не е предавник. Тој е огледало – во кое СДСМ не сака да се погледне. Предавници се оние што ја заменија државата за фотелји, а народот за тишина, стои во партиското соопштение.
Претходно од СДСМ продолжија со прашања до Димитриевски, за кој велат дека е длабоко заглавен во криминал и фатен во корупциски скандал тежок 350.000 евра. Три дена по објавувањето на скандалот, порачаа од СДСМ, Димитриевски се уште не даде одговор на ниту едно прашање, а институциите се уште не молчат и не постапуваат.
-Денес ќе прашаме јавно која е позадината и договорот за поддршката која одеднаш дојде од советничката група на ДУИ? Што Максим ветил?Прашуваме, дали е точно дека станува збор за договорено „завршување работа“ за сообраќајно решение на една зграда која се гради, а е во сопственост на еден од советниците? Дали она што го гледаме е класична размена на услуги?
Чекаме одговор од големиот борце за правда Димитриевски. Максим И овој пат се надеваме дека ќе воздржи од непродуктивните контранапади, ниедно обвинување кон СДСМ не може да го побие фактот дека со овој скандал тој ги урна своите клучни изборни ветувања пред граѓаните – дека ќе се залага за правда и дека ќе се бори против ДУИ, кажаа од „Бихаќка“ на прес-конференција. Додадоа дека голем број членови на движењето ЗНАМ се враќаат во СДСМ, разочарани од она што се случува, и овој тренд ќе продолжи и во иднина.