Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски денеска ја презентираше Платформата за македонско национално единство, составена од девет точки. Според него, со ова се нуди можност за национално обединување, пред се на македонскиот народ, но и на сите етнички заедници кои што живеат во државата.
Суверенитетот, македонскиот јазик, идентитетот, обележјата, 2 август – Илинден…се само дел од текстот на платформата.
Запрашан дали разговарале со коалициските партнери со ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН за поддршка на платформата, Димитриевски истакна дека ваквата понуда ја најавиле уште во предизборниот период.
-Денеска сме партнер во власта, претставени сме во Собранието, ја имаме најавено платформата. Првично ќе ја доставиме до нашите владини партнери, а потоа и до сите политички партии кои се вклучени во работата на Собранието. Ќе очекуваме одговор од нивна страна, со оглед дека ова е стратешки документ кој што е неопходен за зачувување на македонските национални и државни интереси во целост, кажа претседателот на ЗНАМ на прес-конференција.