ЗНАМ ќе го поддржи Законот за бранители, но ги обвини СДСМ дека „подметнуваат кукавички јајца“

од Nikola Popovski
155 прегледи

Партијата ЗНАМ-За наша Македонија се пофали дека има голем интерес и наплив на нови членови во партијата. Според портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, станува збор за високо стручни луѓе кои претходно биле ангажирани во партиите, членови на СДСМ, но и луѓе кои за првпат се членови на партија.

ЗНАМ формирале општински организации во Аеродром, Велес, Штип, Кичево, Ресен, Берово, Демир Хисар…

Мемов посочи и дека нивната партија води конзистентни политики и инсистираат на доследна имплементација на програмата на Влада.

На новинарско прашање како предлог-законот за бранители влијае на стабилноста на Владата, портпаролот на ЗНАМ вели дека нивната партија е гарант за стабилноста на Владата.

-Ние го гарантираме стабилното владино мнозинство во коалицијата, по однос на националните прашања на македонскиот народ. Ќе го поддржиме законот и тоа е наш претходен став. Сакаме да потенцираме дека СДСМ кога беше на власт ја испушти можноста за законот. Од месец февруари беше стопиран во Собранието и сега подметнуваат кукавички јајца во Собранието, рече Мемов.

Законот за бранители е заглавен во собраниската Комисија за труд и социјала, бидејќи претседателката на комисијата Илире Даути од „Европскиот фронт“ не го става на дневен ред и не свикува седница. Вели дека за законот нема да се дискутира ако со него не бидат опфатени и борците на УЧК.

Слични содржини