Мене ми е мило што конечно сите тие субјекти ја сфатија суштината и заложбата на ЗНАМ. Ние од прв момент најавивме дека по завршување на парламентарните избори, пред да влезе во разговор со идните коалициски партнери, ќе излезе со една Декларација за дефинирање на македонските црвени линии и потврдување на македонска национална платформа, изјави денеска претседателскиот кандидат и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски за мораториумот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за ненапаѓање на партиите ЗНАМ и Левица.
Според Димитриевски, тоа би значело повисоко ниво на соработка на мултикултурен и мултиетнички план. Како партија, вели дека не прогласуваат мораториуми бидејќи не напаѓале и нема да напаѓаат партии кои се во опозицијата.
За националното единство на Мицкоски, лидерот на ЗНАМ вели дека први излегле со ваков повик и дека се случуваат плагијати со идејата на ЗНАМ. Исклучи било каква пост-изборна соработка со ова раководство на СДСМ.
-Ние сме подготвени да делуваме како независен субјект, но ќе разговараме за идна соработка. ЗНАМ ќе остане со граѓаните, рече Димитриевски од посетата на општина Ѓорче Петров.