СДСМ, партијата која ја претвори државата во партиска играчка и го урниса правосудството на најниско ниво, последна има право да зборува за етика, интегритет и судир на интереси. Наместо да одговараат за своите афери и за годините на корупција, тие денес држат лажни морални лекции за министерот за правда Игор Филков. Ова е очаен обид на политички банкротирана партија која измислува „скандали“ таму каде што ги нема. Да го наречеш академскиот развој и вложувањето во знаење – „злоупотреба“, е исто толку апсурдно колку што беше нивното владеење кое ја остави Македонија без правда и без доверба во институциите, велат од Движењето ЗНАМ како реакција на прес-конференцијата на СДСМ.
Од ЗНАМ се децидни дека магистерскиот труд на Филков не претставува судир на интереси, туку е доказ за посветеност, за професионализам и за волја да се надградува знаењето во сферата во која што дава најголем придонес и во која делува.
-СДСМ зборува за „кражба на труд“, а токму тие со години ги крадеа институциите и иднината на повеќе генерации. Тие зборуваат за „етика“, а токму нивните министри беа симбол на корупција, непотизам и непрофесионалност. Токму за нивните професорски кадри се множеа кривични пријави,а за некои немаме ни разрешница. Тие зборуваат за „интегритет“, а целиот народ гледаше како со години ја злоупотребуваа државата за лични и партиски интереси. Движење ЗНАМ за Наша Македонија стои цврсто зад министерот Игор Филков. Филков е симбол на тоа каков треба да биде еден јавен функционер – образован, професионален и подготвен да ја користи науката за доброто на државата, стои во ставот на партијата на Максим Димитриевски.
Претходно од СДСМ рекоа дека министерот за правда има намера да магистрира на тема „Креирање на стратегии во сферата на правосудството како надлежност на министерот за правда“. Овој скандалозен потег, според партијата, иако навидум е академски, е всушност крајно непримерен и не споив со високата јавна функција што тој ја извршува.
-Министерот за правда магистрира на тема за сопствени надлежности. Ова е директен судир на интереси, кој го разобличува неговиот личен и институционален интегритет. Постапката на министерот отвора прашања за неговата свест за Законот за спречување на корупција и судир на интереси и неговите одговорности како службено лице, кажаа денеска од СДСМ.