На денешната прес-конференција Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија ги најави активностите на партиско ниво пред претстојните Локални избори. Директорот на Центарот за комуникации и аналитика на ЗНАМ, Никола Мемов информира дека Централниот одбор на партијата донел повеќе одлуки.
„Почнувајќи од утре, 23 април 2025 година во рамки на кампањата „ЗАЕДНО ПОВЕЌЕ ЗНАЕМЕ “ во следните 60 дена партиското раководство, сите избрани и именувани функционери од Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија ќе ги посетат сите општини во Македонија и ќе одржат средби со членовите, симпатизерите и граѓани. Целта е директно да се запознаат со проблемите на граѓаните, но и да се слушнат нивните предлози, сугестии и мислења, кои ќе послужат за креирање на програмата за претстојните локални избори. Во таа насока формирани се четири каравани кои ќе ги предводат:
– Претседателот Максим Димитриевски
– Генералниот секретар Горан Минчев и
– Двајцата потпретседатели Весна Бендевска и Павле Арсоски“, рече Мемов.
Тој информира дека Централниот одбор донел одлука за одржување на втор изборен Конгрес на кој ќе бидат избрани претседател на партијата, како и централен и надзорен одбор со мандат од четири години. Конгресот ќе биде одржан во втората половина на јуни.
Според него, донесена е одлука за формирање на градската организација на ЗНАМ за град Скопје, а изборната конференција преку соодветна процедура ќе започне со предлози во скопските општински организации и ќе биде одржана кон крајот на мај.
„Донесена е одлука за формирање на тим за преговори и евентуална соработка со други политички партии за претстојните локални избори. Тимот ќе го предводи генералниот секретар на партијата, Горан Минчев, а во него ќе учествуваат и потпреседателите Весна Бендевска и Павле Арсоски“
„Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија до сега има формирано повеќе од 50 општински организации во Македонија. Бројот на членови интензивно се зголемува, што е јасен показател и силен индикатор дека граѓаните ги препознаваат политиките на движењето ЗНАМ – За Наша Македонија. Со тоа се докажува дека Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија е најбрзо растечка политичка сила во државата“, рече тој.
Мемов информира и дека со одлука на Централниот одбор на партијата е избран да раководи со движењето. Запрашан што значи тоа дека започнуваат преговори и дали на локалните избори ќе одат самостојно, Мемов одговори:
„Движењето ЗНАМ формира преговарачки тим за соработка со политичките партии и во рамките на владиното партнерство веќе ги почнуваме преговорите со нашиот партнер во владата ВМРО-ДПМНЕ. Во делот на настапот на локалните избори партиското раководство на Движењето ЗНАМ размислува за самостоен настап на ниво на советнички листи, а во делот за изборот на градоначалници на општините, размислуваме за соработка и взамена поддршка со ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, секако дека кандидатите на ЗНАМ ќе бидат самостојни кандидати на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија поддржани од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција“.
На прашањето дали ќе има соработка, поддршка, коалиција и со други партии, Мемов рече:
„Засега разговараме исклучиво со коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За подобра Македонија“, меѓутоа конечниот заклучок и соработка за евентуална таква поддршка на локалните избори ќе ја донесат органите и телата на партијата“.
Запрашан дали Арбен Таравари треба да биде надвор од владиниот кабинет, партискиот член одговори:
„Ставот на Движењето ЗНАМ по ова прашање е многу јасен, го искажавме неколку пати во јавноста, дека тоа е внатрешно прашање на коалицијата Вреди. А нивното останување, значи останувањето на партијата на господинот Таравари, зависи од ставот на премиерот“.