Движењето ЗНАМ го обвинува СДСМ дека манипулира и клевети. Според партијата, неосновани се обвинувањата изнесени на прес конференцијата од поранешната претседателка на Советот на Општина Куманово, Мургашанска за лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
-Истите клевети на овие теми ги изнесуваа за време на локалните избори во 2021 година кандидатот на СДСМ Оливер Илиевски, кој изгуби катастрофално на локалните избори, како и поранешната пратеничка од редовите на СДСМ Лидија Трајковска. Со правосилна судска пресуда беа осудени, се извинија и платија оштета. Истото ќе се случи и во овој случај со Мургашанска.
Неосновани се обвинувањата, бидејќи станува збор за земјиште купено со купопродажен договор од физичко лице во 2010 година, во време кога Димитриевски не беше градоначалник и е уредно пријавено во неговиот анкетен лист, како и целиот негов имот. Истото земјиште, кое се наоѓа во делот на градот за којшто опфат е сменет урбанистичкиот план и намената на земјиштето, а согласно проценките на општината и пазарната цена, вредноста на истото е покачена, на кој што износ од страна на сопствениците уредно се плаќа данок на промет по реална пазарна вредност. Тоа земјиште било предмет на размена за имот – стан купен со купопродажен договор и платен со банкарска трансакција и платени сите давачки.
Употребна дозвола за изграден објект не издава општината, а најмалку градоначалникот, туку тоа е во надлежност на техничкиот надзор на објектот со конечниот извештај за градба којшто се спроведува во катастар, порачуваат од ЗНАМ.
Според партијата која е дел од власта, ова е само уште еден доказ дека соочен со фактот дека СДСМ повторно ќе изгуби во Куманово, но овој пат и во целата држава на следните локални избори, а сакајќи да ги прикријат од јавноста, како што велат, актуелните теми за криминалите и златните визи на Филипче и фамилијата Заеви и останатите функционери на СДСМ, дефокусираат и повторно во празно манипулираат и обвинуваат.
-И за овој случај ги повикуваме надлежните органи на истрагата да отворат постапка, иако знаеме дека претходно веќе имаат водено, и доколку утврдат било каква неправилност да побараат одговорност. Сакаме Филипче да го потсетиме дека сеуште и должи одговор на јавноста како, на кој начин и за кои потреби и цели извадил златната виза во Дубаи, рекоа од ЗНАМ.
Претходно СДСМ го праша Димитриевски како е можно стан од 97 метри кавдартни да го добие за само 2.500 евра. Од партијата изнесоа нови информации за, како што велат, скандалот и шемите со станови во Куманово.