Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) упати апел до медиумските работници кои известуваат од денешниот погреб, потсетувајќи ги на потребата од почитување на етичките стандарди и приватноста на семејствата на починатите.
„Известувањето мора да биде во согласност со претходно утврдениот протокол и со основните принципи на професионалната етика“, се наведува во соопштението од ЗНМ.
Од здружението нагласуваат дека објавувањето на фотографии и видеа од гробните места, блиските членови на семејствата и приватните моменти претставува директно кршење на препораките за етичко известување и нарушување на достоинството на засегнатите лица.
„Ги повикуваме оние неколку медиумски работници и редакции кои отстапуваат од протоколот да покажат почит и одговорност, да не објавуваат содржини што можат да предизвикаат дополнителна болка и да се придржуваат кон стандардите на етичко новинарство“, додаваат од ЗНМ.
Во апелот се потсетува дека новинарството е во служба на јавниот интерес, но никогаш на сметка на човечкото достоинство.