ЗНМ го обвини Здравство дека сака да им поставува правила на новинарите

Здружението не оспорува дека новинарите и медиумите подлежат на етичкa одговорност, но нивната работа не може да ја оценува државата, туку само професионалците.

од desk2
24 прегледи

Откако денеска Министерството за здравство преку соопштение побара медиумите да внимаваат како известуваат и да не ги фотографираат или снимаат повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, вечерва со остра реакција се огласи Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

„Го осудуваме обидот на Министерството за здравство да упатува „апели“ кои се обид за наметнување на правила кои можат да поттикнат цензура.
Етичките прашања се предмет на медиумска саморегулација, не на јавни институции кои се дел од извршната власт. Слободата на информирање е загарантирана во Уставот и мора да се заштити“, порача ЗНМ.

Здружението не оспорува дека новинарите и медиумите подлежат на етичке одговорност, но нивната работа не може да ја оценува државата, туку само професионалците.

„Новинарите и медиумите имаат обврска да известуваат одговорно и етички, но само професионалната заедница ја оценува нивната работа“, порача ЗНМ.

Министерството за здравство во своето соопштение се повика и на почитување на приватноста и на опасност од предизвикување дополнителни трауми кај повредените.

„Со цел да се овозможат оптимални услови за овој процес на рехабилитација, Министерството за здравство апелира до средствата за јавно информирање, согласно специфичниот контекст, да продолжат да ја следат ситуацијата со особена внимателност, професионална етика и човечка солидарност во известувањето за лицата кои се повредени во трагичниот настан во Кочани. Според проценките на здравствените работници, секое нарушување на нивната приватност или инвазивен медиумски пристап може да предизвика дополнителни трауми и да го отежни процесот на нивното рехабилитирање“, порача министерството.

Потоа, во низата специфични препораки дури и упати забрана за земање изјави, за снимање и фотографирање.

„Да не се снимаат или фотографираат лица кои ги посетуваат или се дел од рехабилитациските сесии во периодот додека се во одморалиштето на Пониква или во Општата болница во Кочани со цел да се зачува достоинството и мирот на оваа заедница. Воедно, да не се бараат и земаат изјави во пишан, видео или аудио формат од истите лица за време на нивниот процес на рехабилитација во претходно-наведените објекти“, порача Здравство.

Слични содржини