ЗНМ и ССНМ: Потребно е целосно расветлување на сомнежите за прислушување на новинари

Потсетуваме дека скандалот со масовното незаконско прислушување од 2015 година, кога беше објавено дека биле нелегално следени комуникациите на илјадници граѓани, меѓу кои и на голем број новинари, сè уште нема добиено соодветна судска разрешница, велат новинарските здруженија

од Nikola Popovski
17 прегледи

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) со сериозна загриженост ги следат информациите поврзани со можни случаи на незаконско следење на новинари и медиумски работници во периодот 2019–2024 година, за што јавноста беше информирана неодамна преку брифинг за новинари од страна на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Дополнително, премиерот како и директорот на АНБ во понеделникот јавно упатија повик до Јавното обвинителство да реагира и да го расчисти случајот за овие наводи.

-Сметаме дека секое незаконско следење на комуникации може да претставува сериозна закана за слободата на медиумите и за правото на јавноста да биде информирана. Воедно потсетуваме дека и новата регулатива на Европскиот парламент, Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), јасно забранува какво било незаконско следење на новинари и предвидува обврска на државите членки и земјите кандидати да обезбедат ефективна заштита од вакви практики, велат новинарските здруженија.

Ваквите случаи, доколку се основани, додаваат оттаму, оставаат чувство на несигурност меѓу новинарите и ја нарушуваат довербата во институциите. Од тие причини, повикуваар надлежните органи да постапуваат итно и исклучиво врз основа на закон со цел да овозможат целосна транспарентност и отчетност во интерес на јавноста.

-Очекуваме обвинителството и судството да постапат одговорно и без одлагање, со цел да ја заштитат слободата на медиумите и да обезбедат правна сигурност за сите новинари и медиумски работници во земјата. Истовремено, бараме од политичките партии и носителите на високи јавни функции да се воздржат од изјави и меѓусебни пресметки, во кои користат новинарски имиња бидејќи со тоа можат да ја продлабочат поларизацијата во општеството и да поттикнат говор на омраза насочен кон новинарите.

Потсетуваме дека скандалот со масовното незаконско прислушување од 2015 година, кога беше објавено дека биле нелегално следени комуникациите на илјадници граѓани, меѓу кои и на голем број новинари, сè уште нема добиено соодветна судска разрешница и покрај напорите на еснафските новинарски здруженија. Речиси десет години подоцна, дел од постапките се одолговлекуваат или завршуваат без правосилни пресуди, а новинарите кои беа директно погодени сè уште ја чекаат правдата. Ова уште еднаш ја потврдува потребата институциите да дејствуваат итно, независно и без политички влијанија.

ЗНМ и ССНМ остануваат подготвени да обезбедат правна помош и поддршка за сите евентуално оштетени новинари или оние чии права биле прекршени. За развојот на овој случај ќе биде информирана и Европската федерација на новинари (EFJ), каде што двете организации се полноправни членки, стои во заедничкото соопштение на двете новинарски здруженија.