ЗНМ: Непримерно етикетирање на медиуми и од премиерот Ковачевски

од Stefanija Kuzmanovska
166 прегледи

Праксата на непримерна комуникација за работата на медиумите продолжува и од претедателот на Владата, наведуваат од ЗНМ.

„На новинарско прашање дали премиерот Ковачевски ќе се огради од Ахмети во контекст на изјавата дека етикетира медиуми, Ковачевски рече: ‘Верувам дека господинот Ахмети таа изјава ја дал врз основа на факти и за објаснување ќе треба да го прашате него. Бидејќи и за медиумите и јас имам мое лично мислење, јас можам да дадам мое лично мислење како некои медиуми се однесуваат. Што се однесува до мене можам да кажам дека во државата има медиуми чија што уредувачка политика личи на компанија која што тргува со енергенси, а има и медиум чија што уредувачка политика личи на партиски сектор за комуникација’.

Доколку политичарите, јавните функционери сметаат дека одредени медиумски содржини не се во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела односно Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите на Македонија. Ваков наратив инициран од страна на премиерот претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира но и да се одвратат да се бават со теми кои се од јавен интерес.

Ваков однос од страна на премиерот Ковачевски во најмала рака е непрофесионален и крајно неприфатлив од причина што денеска реагиравме за скандалозната изјава кон медиумите на неговиот коалициски партнер Ахмети. Ваквата пракса на непримерна комуникација може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст.

Потсетуваме дека јавните функционери и останатите претставници на Владата треба да имаат повисок степен на толеранција кога имаат јавна критика за нивната работа а при тоа се исполнети професионалните стандарди на новинарската професија“, стои во соопштението на ЗНМ.

Слични содржини