ЗНМ: Осуда за обидите за дискредитација кон новинарката Џумадије Ибраими од ТВ Клан

од Nikola Popovski
297 прегледи

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осудува тешките дискредитации кои беа проследени од ТВ Клан до ЗНМ а се однесуваат на новинарката Џумадије Ибраими, која во текот на изборниот период се соочи со обвинувања од кандидатот на Алијанса за Албанците за градоначалник во Тетово, Вулнет Мурсели.

Непосредно по завршување на телевизиска дебата, Мурсели во улога на гостин а во присуство на неколку новинари и други лица ја клеветел колешката Џумадије Ибраими дека е наводно уценуван со 10.000 евра за таа да избрише извесна објава на Фејсбук. Според новинарката, мотивот за ширење на овие лаги се нејзините претходни објави за приватна лабораторија, каде всушност тој барал од новинарката претходно да брише таа свои јавни објави. Настанот и тешките обвинувања се случиле уште на почетокот на изборната кампања за локалните избори 2021,  но поради фактот дека Вулнет Мурсели е директен учесник во овие избори, редакцијата на ТВ Клан Македонија и самата новинарка Џумадије Ибраими не реагирале во тој момент за тоа да не биде погрешно толкувано од страна на политичките партии.

ЗНМ смета дека ваквите обвинувања без никакви докази служат да наштетат на угледот на новинарката Џумадије Ибраими и се обид да се дискредитира работата на новинарките кои во текот на изборната кампања беа вклучени директно за информирање на јавноста.

Освен овој инцидент, новинарот од истата телевизија Фуркан Салиу достави поплака до ЗНМ во која укажува дека на вчерашната конференција за медиуми, по претходно поставено прашање, Министерот за надворешни работи Бујар Османи му се обратил со висок и заканувачки тон. Според Салиу начинот на кој е пренесена пораката, што се случила по завршување на настанот имало за цел да го заплаши со цел да не поставува прашања на идни јавни настани.

Овие настани се кулминација на пријавите до ЗНМ од страна на новинарки и новинари кои биле попречувани во својата работа или добиле закани или навреди. Изминатава недела ЗНМ реагираше и на вербалните напади кон новинарката на ТВ 21 Салије Садику и новинарката на Еуроњуз Албанија Ферикан Арифи.

ЗНМ ги упатува засегнатите политичари да имаат поголема култура во јавната комуникација и односот со медиумските работници бидејќи новинарите служат да ја информираат јавноста а не да задоволат нечии партиски очекувања. За сите овие инциденти ЗНМ детално ќе ги информира претставниците на меѓународната заедница со барање одблиску да ја следат состојбата со правата на новинарите.

Слични содржини