Во Извештајот од Мисијата за проценка на состојбата со слободата на медиумите во Макеоднија, именуван како Слободата на медиумите во Северна Македонија: напредок на стаклени нозе – кој ЗНМ неодамна го промовираше, прашањето за форми за поддршка на медиуми е детално елаборирано, велат од Здружението на новинари на Македонија за „Локално“, откако денеска лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски најави дека неговата партија за време на дебатата за Предлог- Буџетот во Собранието ќе предложи медиумските работници да бидат ослободени од социјалното и здравственото осигурување, со изземање на МРТВ и МИА, бидејќи добиваат пари од државниот Буџет.
Од ЗНМ додаваат дека во Европа, традиционално постојат четири форми на државна поддршка на медиумите.
-Тоа се: 1. директни субвенции (како оние што моментално се доделуваат на дел од печатените медиуми во Македонија), 2. даночни предности или олеснувања; 3. државно рекламирање (какво што МИОА предлага) и 4. поддршка базирана на проекти (Фонд за медиумски плурализам), посочува Здружението на новинари.
Оттаму додаваат дека земјите на ЕУ имаат тенденција да усвојат мешавина од овие политики, но како најмалку соодветно е државното рекламирање.
-Оваа форма на финансирање е најпроблематична бидејќи вообичаено се злоупотребува од властите за да се влијае врз уредувачката агенда на медиумите. Во врска со даночните предности, предноста на оваа форма е што потенцијално мерката важи за сите медиуми. Во македонски контекст, за да не се злоупотребува оваа мерка, нужно е да постои волонтерски регистар на онлајн медиуми во рамки на Агенцијата за медиуми. Оваа мерка исто така, не треба да го исклучува Фондот за медиумски плурализам за чија потреба ЗНМ одамна јавно ја застапува оваа политика. Потребата е поради неколку аспекти, прво бидејќи Македонија има обврска да креира ваков фонд со цел да ги исполни препораките на Совет на Европа, а второ бидејќи ова е најдобар начин заинтересираните медиуми да понудат идеи за квалитетна медиумска содржина во интерес на јавноста. Фондот треба да биде 0.1% од вкупниот буџет на државата, со истиот треба да располага АВМУ и врз основа на јавен конкурс предлозите да бидат предмет на евалуација од страна на надворешна експертска комисија за чии предлози ќе одлучува Советот на медиумското регулаторно тело, наведуваат од ЗНМ како реакција на предлогот на Мицкоски.
Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ослободувањето на медиумските работници од плаќањето придонеси ќе ја чини државата 10 милиони евра на годишно ниво.
Доколку ова не биде прифатено од страна на Владата, според него, најголема е веројатноста ако ВМРО ДПМНЕ формира влада, при првиот ребаланс во јули да предвидат ослободување на медиумските работници од овие давачки. Мицкоски вели дека ова ќе им овозможи на сопствениците на медиумите да ги зголемат платите на медиумските работници.
Н.П.