На 30.03.2020 беше објавен Извештајот на Стејт Департментот за минатата 2020 година за почитување на човековите права во Северна Македонија. Во извештајот се вели дека земјата постигнала напредок во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување во земјава. Сепак, Стејт Департментот констатира дека сѐ уште постојат проблеми што се провлекуваат од минатите години, како што е насилството и заплашувањето на новинари, објавија од ЗНМ.
Во извештајот се нотирани речиси сите посериозни напади врз новинари за последните две години и истакнат е проблемот со неказнивост за насилствата врз новинарите, нешто за кое ЗНМ честопати алармираше во јавноста. Покрај ова, во извештајот нотирано е и дека во изминатата година одговорот од страна на властите на случаите на насилство и заплашувањето кон новинарите беше бавно и неефикасно.
„Во извештајот на Стејт Департментот е нотирано дека во април новинарите и вработените во медиумите Душица Мрѓа, Наташа Стојановска, Горан Трпеноски, Влатко Стојановски, Билјана Николовска, Томе Ангеловски и Игор Јанковски поднесоа тужби пред Граѓанскиот суд во Скопје барајќи правда за инцидентите од 27 април во Собранието. Во извештајот се нотира дека судската постапка за овој случај сеуште е тековна.
Стејт Департментот нотира дека во Извештајот на Фридом Хаус за слободата во светот во 2020 објавен на 4 март забележано е подобрување на резултатот од две на три (од максимални четири поени), „Затоа што притисокот врз новинарите е намален во последните години“. Во годишниот светски индекс на слобода на печатот на „Репортери без граници“ објавен на 21 април забележано е „мало подобрување“ на слободата на медиумите во земјата. Во извештајот се додава дека, „за жал, високите владини претставници имаат тенденција да им се закануваат и да ги навредуваат новинарите. Културата на неказнивост е добро вкоренета во државата и сè уште е пречка за безбедноста на новинарите. Бројот на физички напади врз новинари се намали, но сепак, постои растечка пракса на таканаречено онлајн, компјутерско малтретирање и вербална злоупотреба“.
Во овој извештај на Стејт Департментот нотирано е дека според анализата на Балканската мрежа за истражувачко новинарство, објавена на 14 август, партиите потрошиле скоро два милиони евра (2,4 милиони УСД) на реклами, 550 000 евра (660 000 УСД) на онлајн медиуми, 150 000 ЕВРА (180 000 УСД) на радио реклами и 40 000 ЕВРА ( 48.000 УСД) на печатени медиуми. Овие податоци за Здружението на новинари на Македонија беше проблематично што политичките партии можеа да одлучат без никакви критериуми во кои медиумите ќе пласираат реклами. Државната антикорупциска комисија, во нацрт Националната стратегија за борба против корупцијата, одобрена од извршната власт во јануари, ја повика владата да го прекине платеното политичко рекламирање во медиумите, гледајќи го на тоа како „потенцијален ризик за корупција и создавање на клиентелистички односи“.
Исто така извештајот содржи дека заклучно со 24 октомври, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) регистрирало 16 случаи на напади врз новинари, од кои 14 случаи биле вербални, од кои повеќето беа закани по живот на социјалните мрежи, а два биле физички. ЗНМ го забележало фактот дека од сите вербални напади, осум се насочени против новинарки. Во сите случаи, ЗНМ ги повика полицијата и обвинителството да истражат и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата и ја повторија загриженоста дека неказнивоста останува сериозно прашање во врска со нападите врз новинарите. На 28 јули, ЗНМ го повтори својот апел до властите да го изменат и дополнат кривичниот законик за да осигурат дека нападите врз новинарите се третираат како кривични дела кои се гонат по службена должност. И оваа година во делот за медиумите и слободата на изразување Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), дури четири пати се спомнува како референтна организација која останува и понатаму веродостоен партнер на Стејт Департментот“, стои во соопштението на ЗНМ.