ЗНМ: Уште една отфрлена тужба на Левица кон новинари

од Nikola Popovski
223 прегледи

Основниот граѓански суд Скопје како првостепен парничен суд донесе решение со кое тужбата на тужителот Политичката партија ,,ЛЕВИЦА”, против тужените Друштво за дигитални медиуми Онлајн Медија ДОО Скопје и Предраг Петровиќ, ја отфрли како ненавремена, информираат од Здружението на новинари во Македонија.

Според соопштението, ова решение следи по претходно доставената тужба до судот од страна на политичката партија „ЛЕВИЦА“ на 20.02.2021 година во која се наведува дека онлајн медиумот ,,А1on.mk” на 07.12.2020 објавил текст со наслов: ,,Апасиев молчи за парите кои следуваат на Левица, не кажува дали ќе се откаже во корист на работничката класа”.

-На ваквиот новинарски текст реагирале од политичката партија „ЛЕВИЦА“ со што доставиле барање за демант а истиот бил објавен од страна на медиумот. Незадоволни од демантот, политичката партија „ЛЕВИЦА“ поднела тужба против наведениот медиум и главен уредник меѓутоа судот со решение таквата тужба ја отфрли како ненавремена од причина што политичката партија „ЛЕВИЦА“ не го испочитувала законскиот рок од 30 дена за поднесување на ваков вид на тужби, односно истата тужба била задоцнета.

Инаку, минатиот месец претседателот на политичката партија „ЛЕВИЦА“, Димитар Апасиев изгуби кривичен спор кој го иницираше против колешката Мери Јордановска за претходно објавен текст.

Овој вид на тужби служат да се предизвика заплашување и правни трошоци или едноставно исцрпување на тужените, во случајов на новинари со цел да се демотивираат или да се откажат од јавна критика. Ваквите тужби во контекст на Советот на Европа се познати како стратешки тужби за спречување на јавно учество (SLAPP). Овие тужби, посебно кога се иницирани од политичари и носители на јавни функции, можат да предизвикаат самоцензура кај новинарите а со тоа да се наруши правото на информирање на граѓаните, велат од ЗНМ.

Слични содржини