Зоолошката останува затворена – Eдно лице појавило симптоми на птичји грип и ќе биде тестирано

од Nikola Popovski
85 прегледи

Четворица вработени од Зоолошка ќе бидат под здравствен надзор, еден од нив пројавил симптоми, ќе биде тестиран за присуство на птичји грип. Институтот за јавно здравје добил листа од 16 лица, вработени во Зоолошката градина, на 15 им е направена епидемиолошка анкета. Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, вели нема опасност за посетителите кои биле во Зоолошката доколку немале директен контакт со заболените птици.

Најави дека здравствениот надзор ќе трае две недели и ќе вклучува секојдневно следење на симптомите од страна на епидемиолозите.

-Здравствениот надзор според протоколите не значи карантин и изолација, туку медицински мониторинг во текот на следните две недели доколку покажат некакви симптоми кои дополнително треба да се истражат доколку се работи за птичји грип. Со нив секојдневно ќе контактираат епидемиолозите на Институтот за јавно здравје и ќе се следи нивната здравствена состојба. Едно лице ќе се тестира утре, бидејќи препораките на епидемиолозите и микробиолозите се по појавата на првите симптоми во рок од пет дена да се направи тестот, појасни Андоновска.

-Едно од овие лица на 18-ти имало некакви симптоми кои траеле еден ден, а тоа е: температура и дијареа што не значи дека тоа лице има птичји грип. Тоа лице ќе биде тестирано оти препораките од страна на епидемиолозите и микробиолозите е по појавата на првите симптоми во рок од 5 дена да се направи тестирање, вели директорката на институцијата.

Според АХВ, ЗОО Скопје иако детектирале угинато животно на 14-ти октомври, не постапиле по законски процедури каде што се должни секој сомнеж на заразна болест задолжително да го пријават до надлежниот ветеринар. Наодот со кој е потврден вирусот на птичји грип во агенцијата стигнал на 18-ти октомври.

„Како Директор на АХВ донесов Решение за прогласување на болеста високо патогена авијарна инфлуенца кај птиците и наредување на заштитни и контролни мерки. Сомнежите во јавноста и споделените видеа за начинот на собирање и отстранување на затекнатата живина во одгледувалиштето се во целост со почитување на протоколите за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца и Законот за благосостојба на животните и меѓународните протоколи, и не е во ред да бидат коментирани од лица некомпетентни за истото“, се појаснува во соопштението од АХВ.

Претходно, се огласија и од Зоолошката градина, најавија кривични пријави до директорот на АХВ и инспекторите кои, како што велат, упаднале без налог.

„Од изутрина без налог, решение или каков било друг доказ, инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје, упаднаа во ЗОО – Скопје и извршија масакр врз птиците. Без образложение, овие лица по наредба на директорот на АХВ, убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во Градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од Градскиот парк“, пишува во соопштението.

Слични содржини