Зошто да не, рече Ковачевски запрашан за пролонгирање на рокот за вадење нови документи

од Nikola Popovski
383 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски денеска истакна дека е свесен за гужвите со чекање за сликање за нови пасоши и лични карти со уставното име. Тој рече дека ќе се консултира со двајцата министри со кои разговарал претседателот Стево Пендаровски за пролонгирање на рокот до 12-ти февруари.

-Верувам дека и претседателот може да се слушне со претседателката на Грција. Ќе поразговараме на седница на Влада за можноста да се направи. Претседателот Пендаровски најдобро знае бидејќи беше директно вклучен во подготовката на Преспанскиот договор. Зошто да не?, кажа премиерот по отворањето на поликлиниката Сарај, одговарајќи на новинарско прашање.

Претседателот на Владата посочи дека ова е обврска од потпишаниот договор со Грција.

-Сепак се работи за законски решенија кои се направени во Собранието. Владата може само да го олесни процесот. МВР отвори поголем број на пунктови и вработени, но ќе треба да се зголеми уште повеќе. Да направите законски измени без согласност на сите кои се потпишани, не би било така едноставно и дали би било применливо, додаде Ковачевски.

Преспанскиот договор со Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Но, критиките до институциите се дека иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019-та година, тие не започнаа навреме да издаваат лични документи со новото име Република Северна Македонија.

Така, граѓаните кои вадеа лични документите во текот на 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија. Сега тие одново треба плаќаат за нови документи.

Слични содржини