Доколку имате навика да прескокнувате оброци, на вашето тело му недостасуваат есенцијални хранливи материи неопходни за негово правилно функционирање, а тоа може да доведе до различни негативни последици, физички и психолошки.
„Редовното прескокнување на оброците може да доведе до флуктуирачки нивоа на енергија, намалена концентрација и нарушен метаболизам“, вели меѓу другото д-р Анастасиос Микроулис за „Best Life“.
Нутриционистката Џен Блајвајс додаде дека некои од последиците од прескокнувањето на оброците се „мозочна магла“, замор, глад, раздразливост и хормонална дисрегулација.
„Кога телото ќе почувствува глад, тоа го зголемува нашиот природен инстинкт да бараме храна. Луѓето се однесуваат на овој начин од почетокот на времето. Некои луѓе тврдат дека имаат подобар фокус кога не јадат подолго време. Станува збор за зголемена работа на хормоните и се чини дека имате повеќе енергија“, рече таа.
Не е сосема сигурно дека прескокнувањето оброци ќе ви помогне да изгубите тежина. Ова во никој случај не е здрав начин за слабеење.
„Неправилната исхрана може да го наруши вашиот метаболизам и да го отежне одржувањето на здрава тежина. Без адекватен внес на хранливи материи, телото може да почне да го разградува мускулното ткиво за да ги задоволи потребите за енергија, што негативно влијае на вашата мускулна маса и сила“, вели докторот.