Зошто ЕУ и плаќа на Русија повеќе за енергија отколку што ѝ плаќа на Украина за водење војна? Извештај за руските нафтени рути

од Vladimir Zorba
21 прегледи

Според февруарскиот извештај на Центарот за истражување на енергија и чист воздух (CREA), Европската унија потрошила околу 23 милијарди долари на руски фосилни горива во 2024 година во споредба со 19,6 милијарди долари за воена и финансиска помош за Украина.

За тоа време, Кина купи руски енергетски производи во вредност од најмалку 82 милијарди долари, Индија потроши 51 милијарда долари, а Турција 36 милијарди долари.

Русија, според извештајот, минатата година заработила 254 милијарди долари од извоз на енергија.

„Од почетокот на војната во Украина, Европа постигна значителен напредок кон енергетската независност. Увозот на руска нафта и гас значително се намали, при што уделот на увозот на гас падна од 45 отсто во 2021 година на 18 отсто во 2024 година“, рече европратеникот Томас Пелерин-Карлин во коментар на извештајот.

„Сепак, една четвртина од приходите од извозот на фосилни горива на Русија сè уште доаѓаат од Европа“, додава тој.

И покрај огромниот број санкции, ловот на флота танкери „во сенка“, увозот на течен природен гас од САД и сè уште необјаснетото уривање на „Северен тек 2“, земјите од ЕУ потрошија седум милијарди евра на руски природен гас во третата година од војната во Украина. Интензивните обиди за намалување на енергетската независност резултираа со зголемување на увозот од Русија за 9 отсто во споредба со 2023 година.

Фактот дека ЕУ и платила толку пари на земја против која активно ја поддржува војната, го истакна и американскиот претседател Доналд Трамп во маратонскиот говор пред Конгресот.

„Европа, за жал, потроши повеќе пари за купување руска нафта и гас отколку што потроши за одбрана на Украина. Размислете за тоа“, рече тој, повторно истакнувајќи дека грешка на претходната администрација е што потрошила стотици милијарди долари во Украина.

Според CREA, зголемените санкции кон Русија би можеле да ги намалат приходите од фосилни горива за 51 милијарда евра.

„Поради недоволни санкции и надзор, Русија заработи над 825 милијарди евра од извозот на фосилни горива од почетокот на нејзината инвазија на Украина“, вели Исак Леви, аналитичар за енергетска политика за Европа и Русија во CREA.

Севкупно, извозот на руска нафта е намален за само 8 отсто од почетокот на војната во 2022 година, и покрај крајно непријателската реторика и санкциите од повеќето западни земји. Од почетокот на војната во февруари 2022 година, Русија заработила речиси еден трилион долари само од извозот на нафта.

Една од главните причини зошто рускиот извоз останува силен е тоа што, дури и по бројните санкции, просечната цена на руската нафта е сè уште пониска од другите извори, како што е Блискиот Исток, според „Еуроњуз“.

Руската анализа покажува каде се пренасочувала нафтата

Според новата анализа на руската новинска агенција РИА, влијанието на санкциите врз динамиката на производството на нафта се одрази во континуираниот пад на извозот во Европа, која беше главен пазар пред војната.

Така, во 2021 година, земјите од ЕУ, според податоците на Евростат, увезле 114,4 милиони тони нафта од Русија, додека во 2024 година таа била само 13,0 милиони тони. Во однос на 2023 година, испораките се намалени за 38,7 отсто или 8,2 милиони тони.

Сепак, во анализата се забележува дека, како и во 2023 година, падот на испораките во „непријателската“ Европа е компензиран со зголемувањето на извозот во „пријателската“ Азија, што е потврдено од податоците од тие земји.

Така, Кина во 2024 година го зголеми увозот на нафта од Русија за 1,4 отсто на 108,5 милиони тони нафта, Индија за 9 отсто на 90 милиони тони, а Турција за 75 отсто на 18,7 милиони тони.

Количината испорачана руска нафта до најголемите потрошувачи, ЕУ, Кина, Индија и Турција, во 2024 година изнесуваше околу 230 милиони тони, што е за околу четири отсто повеќе отколку во 2023 година, се вели во извештајот.

Зачестените украински напади врз рафинериите доведоа до привремено затворање, особено во првиот квартал, а санкциите на ЕУ се насочени и кон нафтените деривати од Русија, пишуваат руските медиуми.

Извозот на нафтени деривати во Европа практично престана, паѓајќи од 47,3 милиони тони во 2024 година на само 515 илјади тони.

На крајот на 2024 година, рускиот извоз на нафтени деривати по морски пат изнесуваше 113,7 милиони тони, што е за 9,1 отсто помалку од 2023 година, според Ројтерс.

Индија како голем победник во економската војна

Западните санкции кон Русија доведоа до пониски цени на нафтата, а за возврат, индискиот увоз на руска нафта забележа драматичен пораст, од помалку од еден процент од вкупниот увоз на сурова нафта пред почетокот на војната во Украина, на 40 проценти, пишува индискиот весник „Хинду“ во написот кој исто така се повикува на споменатиот извештај CREA.

Индија, третиот најголем потрошувач и увозник на нафта во светот, купи сурова нафта од Русија во вредност од 49 милијарди евра во третата година од војната.

Некои од рафинериите во Индија ја преработуваа руската сурова нафта во горива како бензин и дизел што се извезуваа во Европа и другите земји од Г7. Ова ја замени побарувачката за деривати создадени со санкциите против Русија.

„Во третата година од инвазијата, земјите од Г7+ увезоа 18 милијарди евра нафтени деривати од шест рафинерии во Индија и Турција кои ја преработуваат руската нафта. Се проценува дека 9 милијарди евра од тоа се преработени од руска сурова нафта“, се вели во извештајот на CREA.

Слични содржини