Зошто големите партии ги „исфрлија“ независните: „Кога се нема доволно квалитет и аргументи да се изборите за својата позиција, тогаш се елиминира конкуренцијата со подмолни трикови“

од Nikola Popovski
376 прегледи

Изборниот законик е донесен. Граѓанските организации кои освоија независни советнички места во општините на последните локални избори, остро се противат на овие закони кои што ги донесоа најголемите партии во земјава. Ова следува откако беше соопштено дека ниту една независна листа нема да учествува на престојните парламентарни избори откако не успеале да соберат потписи. Велат тоа е скриена намера на партиите да ги исфрлат од политичката игра и да не можат рамноправно да учествуваат во изборниот процес. Велат дека тоа е спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и според сите меѓународни стандардни, па и споредбено со земји од ЕУ каде се собираат од 200 до 500 потписи, а во некои членки и не се бараат потписи за независни кандидатури.

Граѓанските организации најавуваат борба со сите расположливи средства. Апелираат до ЕУ и меѓународната заедница да се заложат за да се повлечат измените, за да имаат рамноправни услови за наредните локални избори. За независната советничка во општина Карпош и дел од „О2 Иницијативата“, Невена Георгиевска, ова е голем удар за демократијата, но сигурна е дека нема да исчезнат.

Невена Георгиевска

-Нашето појавување беше токму од желбата да покажеме дека може и поинаку дека граѓаните кои активно преку различни здруженија се бореле за измени во ова општество, можат тоа да го прават и со директно вклучување во самите институции. Самото водење, креирање политики и одлучувања се доближуваат до граѓаните, се поттикнува нивната ангажираност и активност за сите прашања кои се во име на граѓанинот, истакнува таа во разговор за „Локално“.

Според неа, стравот е јасен и како што вели, последните локални избори го покажаа тоа.

-Бевме 4-та сила по добиени гласови, во 40% од општините – 33 на број има независни сопственици. И таму каде што сме еден или двајца има голема разлика во работата на самите Совети, повеќе дискусии, транспаретност, поквалитетна работа, фокусирање на целта, а не водење политики со кои само би собирале поени за некои следни избори или позиции во партии, посочува Георгиевска.

Тврди дека решението е намалување на бројот на потписи за кандидатури.

-Зошто на луѓе кои имаат одредени квалитети да не им се остави простор да се покажат во изборната трка, да понудат одреден квалитет. Изборот е на граѓаните, тогаш треба да се бројат гласови, а не при собирање потписи. Самото тоа што независните кандидати имаат огромни администритивни процедури кои не се доволно познати е голема пречка, немаат зад себе разработена партиска машинерија кои ќе ги прави тоа за нив. Располагаат со сопствени средства, не добивајќи ништо од државните пари кои им следат на партиите за секој освоен глас. И кога некој веќе ќе се реши да го изоди тој пат, зошто дополнително да му се задаваат пречки, прашува независната советничка.

На прашањето зошто големите партии одат против европските практики, соговорничката одговара: „Зошто кога се нема доволно квалитет и аргументи да се изборите за својата позиција, тогаш се елиминира конкуренцијата со подмолни трикови“.

Факт е дека нашата работа, додава Георгиевска, е препознаена и имаме и зголемен број на поддржувачи кои очигледно ги исплашиле.

-Со години наназад, гласаме за помалку лошиот, а не за нешто ново, подобро. Се водат црни кампањи, доколку би имало квалитет на нашата политичка сцена нема да има ваков страв од нови и поинакви настапи, напротив тоа може само да го подобри квалитетот и на политичката понуда на партиите. Но очигледно повеќе сакаат граѓаните да предлагаат да гласаат и само пред избори е важен граѓанинот. По добиените позиции, се заборава или се манипулира со ветувањата, заклучува советничката.

Освен што ќе овозможат на претстојните претседателски и парламентарни избори да се гласа со лични документи чија важност е истечена до девет месеци до денот на одржување на изборите, дел од измените на Изборниот законик кои беа усвоени со широко мнозинство во парламентот предвидуваат и измени кои влијаат на потенцијалното учество на независни кандидати во наредните изборни процеси.

Ако досега за влез во трката за избор на пратеници им биле потребни најмалку 1 000 граѓански потписи независно од бројот на регистрирани избирачи во изборна единица каде што се кандидираат, сега бројот на потписи кои независните кандидатски листи треба да ги соберат, ќе биде предодреден од вкупниот број на запишани избирачи во изборната единица. Колку е поголем бројот на регистрирани гласачи во изборната единица каде што се кандидираат, толку поголем ќе биде и бројот на граѓански потписи кои независните листи треба да ги обезбедат за влез во трката за избор на пратеници.

Обид да се донесат слични измени имаше и пред последните локални, но тоа беше блокирано со амандмани во Собрание. На изборите, независни кандидати добија место во 33 општини, вклучително и во градот Скопје, каде сега ќе биде потребно да се соберат над 4 ипол илјади потписи наместо досегашните илјада.

Н.П.

Слични содржини